Христијан Делов, најдобар студент по електроенергетика на УКЛО: „Дефинитивно останувам да живеам и да работам во Македонија“

Христијан Делов, најдобар студент по електроенергетика на УКЛО: „Дефинитивно останувам да живеам и да работам во Македонија“

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

За време на студиите со колега димензионираа батериски систем за складирање електрична енергија на Техничкиот факултет во Битола

Христијан Делов беше прогласен за најдобар студент од областа на електроенергетиката на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола за академската 2025/2026 година. Тој дипломира на студиската програма Електроенергетски системи и обновливи извори на енергија (ЕЕСОИЕ), позната како електроенергетика или меѓу народот како висока струја, на Техничкиот факултет во Битола, со просек 9.

- Трудот, дисциплината и љубопитноста беа пред сѐ. Го учев теоретскиот материјал, решавав задачи, по некои предмети изработувавме и вежби со софтвер кои потоа ги презентиравме. Фактот што ги сработив сите како што треба ми помогна во успешно полагање на испитите и формирање висока оценка. Дополнителна мотивација развив од учеството на конференции, проекти и други воннаставни активности - вели Делов.



Пресметаа оптимален батериски систем за Техничкиот факултет на 172 kW

За време на студирањето со другарот и колега Борис Гушевски изработија труд за димензионирање на батериски систем за складирање електрична енергија за Техничкиот факултет во Битола. За неговата изработка прочитаа многу книги, научни објави за составување на теоретскиот дел, потоа следуваше програмскиот дел, односно внесувањето на параметрите, нивната обработка и анализа. На проектот му посветија многу време, а во текот на изработката стекнаа и нови знаења.



- Стануваше збор за димензионирање на батериски систем (колку kW батерија) според податоци за потрошувачката на факултетот и на производството на фотоволтаиците мерено во 3 години. Програмата ни помогна да пресметаме вредност од 172 kW батериски систем најсоодветен за факултетот. Пресметките не најдоа примена бидејќи трудот имаше многу апроксимации и упростувања, а реалната слика е далеку посложена и треба повеќе време и работа - додава Делов.

Симулација на термоцентрала со параметри на РЕК „Битола“

Друг предизвик му беше програмата работена како семинарски труд за проектирање на потрошувачката и производството на електрична енергија кај термоцентрала на јаглен каде што машинскиот дел ги имаше истите параметри како РЕК „Битола“.



- Мојата задача беше да се проектира електричниот дел (производство и цена на продажба на електрична енергија). Мене ми беше влезен податок 500 MW електрична моќност на генераторот. Правев упростување така што машинскиот дел (парни турбини, котли, парогенератор, притисок, сѐ пред генераторот) да има исти параметри како РЕК „Битола“. Потоа одбирав соодветен трансформатор, трансформатор за сопствена потрошувачка, колкава енергија се троши за сопствена потрошувачка на централата. Се служев со податоци од РЕК „Битола“, каталози, книги/учебници од интернет, од Факултетот за електротехничка и информациски технологии - ФЕИТ.

Ова беше еден вид на „што ако“ симулација За целосно и вистинско проектирање на производството, не смее да се прават упростувања и потребни се тимови од инженери од различни области. Термоцентралите се големи, сложени градби и вршат сложени процеси - вели Делов.



Студентот да дипломира со решение за проблем во компанијата каде што е на пракса

Тој денес е дипломиран инженер по електротехника. Оваа струка ја избра зашто смета дека светот не може да функционира без електрична енергија.
Посочува дека Факултетот му помогнал да ги развие неговите знаења и вештини и преку односот на професорите, нивната достапност за прашања, квалитетни предавања и вежби, посредувањето на Факултетот до стипендии од државниот и приватниот сектор, организирање научни настани и конференции за студентите. Сепак, смета дека студиите можат да се подобрат со повеќе софтверски вежби и практикуми.

- Потребна е поголема соработка меѓу Факултетот и фирмите. Последните месеци пред дипломирање студентите можат да остварат пракса во фирма каде што ќе го изработуваат дипломскиот труд, фирмата има проблем, па студентот и фирмата заедно работат на изнаоѓање решение и на крај студентот изработува дипломски труд од тоа - предлага Делов.



Животот е подобар дома

Планира да продолжи на постдипломски студии и во иднина да работи на струката. Иако дел од инженерите заминуваат во странство, тој смета дека со оваа струка има многу можности за работа во Македонија, како на пример во производство, пренос или дистрибуција на електрична енергија, проектантски бироа, фирми за изведување на електроенергетски објекти. Човек треба да бара, да прашува, да биде упорен.

- Дефинитивно останувам во Македонија за живеење и за работа. Животот е подобар тука. Тука ми се семејството, пријателите, девојката, Битола си ја сакам, Пелистер си го сакам. Немам причина да си заминам - вели Делов.
 
Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.