Берни Сандерс ветува дека ќе ѝ забрани на полицијата да користи технологија за препознавање лица

Берни Сандерс ветува дека ќе ѝ забрани на полицијата да користи технологија за препознавање лица

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Берни Сандерс најави дека доколку биде избран за претседател на САД во 2020 година, ќе им забрани на американските агенции за спроведување на законот да користат системи за препознавање лица.

Забраната е дел од идеите на Сандерс за реформирање на начините на кои се одржува ред и мир во САД, а со што би им се забранило и на полицајците да купуваат воена опрема. Сандерс е првиот што повика на федерална забрана на технологијата за препознавање лица, која често се злоупотребува за таргетирање расни малцинства и други ранливи популации.

Реорганизацијата на одржувањето ред на Сандерс е фокусирана на ставање крај на експлоатирачките практики што моментално се користат од страна на службите за спроведување на законот, вклучувајќи го тука и менаџирањето на базите на податоци од препознавањето лица, користењето воени оружја и возила и потпишувањето договори со приватни затвори. Исто така, би се наметнале поцврсти стандарди во однос на тоа како полицијата треба да ги користи камерите што ги носи на униформата.

- Полициската употреба на софтверите за препознавање лица е последниот пример на орвелска технологија која ги нарушува нашата приватност и граѓанските слободи под превезот на јавна безбедност и тоа мора да запре. Берни гордо им се приклучува на градови како Сан Франциско во забраната на оваа технологија за одржување ред и тој како претседател ќе озакони национална забрана на софтверите за препознавање лица за одржување ред на државно и на локално ниво - истакна портпаролот на Сандерс.