Престојот во природа го зголемува расположението исто како Божиќ

Престојот во природа го зголемува расположението исто како Божиќ

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Меланхоличните граѓани би требало да побараат утеха во локалниот парк бидејќи истражувањето спроведено од американски научници покажува дека престојот во зеленило го подигнува еланот исто како Божиќ.

Парковите во градовите го ладат и чистат воздухот и ги апсорбираат гасовите што ја загреваат планетата, а сега експертите од Универзитетот во Вермонт утврдија и дека ги прават луѓето посреќни.

Во период од три месеци научниците од Универзитетот во Вермонт анализирале стотици твитови на „Твитер“ што луѓето ги постирале од 160 парка лоцирани во Сан Франциско и откриле дека луѓето искажуваат среќа кога ги посетуваат парковите. Истражувањето открило дека ефектот е најсилен во големите регионални паркови што имаат многу дрвја и вегетација. Во помалите паркови кај луѓето се покажало помало подигнување на расположението, додека поплочените плоштади предизвикувале најниско ниво на среќа.

Колку е поголем паркот, толку се посреќни луѓето

- Да, откривме дека во сите твитови луѓето се посреќни во парковите. Во градовите, големите зелени површини се многу важни за чувството на благосостојба кај луѓето - изјави Арон Шварц.

Според истражувачите, ова истражување е важно бидејќи најголем дел од фокусот за конзервација е на тоа колку пари се заштедени со обновување на мочуриште, а помалку на здравствени придобивки на јавните паркови.

За да ги оценат чувствата на луѓето засновани на твитови, истражувачите користеле хедонометар создаден од тим од Универзитетот во Вермонт и компанијата „МИТРЕ Корп“. Алатката собира и анализира милијарди твитови од над една деценија и веќе поттикна неколку истражувачки трудови. Користи околу 10.000 чести зборови за да ги утврди емоциите приложени кон одредени зборови.

За истражувањето со парковите, истражувачите користеле твитови од 4.688 лица што ја идентификувале својата локација јавно. Твитовите испратени од паркови биле за 2,5 отсто посреќни од просекот.

Ова зголемување е слично на она што се бележи на Божиќ. На социјалните мрежи Божиќ е најсреќниот ден во годината, според претходните истражувања базирани на хедонометар.

Иако „Твитер“ не го користат сите, платформата е демографски доволно широка да може да овозможи вредни информации за расположението на голема група луѓе.