Тајната на Италијанците за посреќен живот: Слаткото уживање во неправење ништо
Италијанците имаат концепт за излежување и губење време познат како „La Dolce Far Niente“, што значи „Слаткото уживање во неправењето ништо“. Концептот е присутен во филмската адаптација на книгата на Елизабет Гилберт - „Јади, моли се, уживај“. Сцената е сместена во една берберница во Рим, каде што Џулија и нејзиниот нов пријател слатко си јадат колачи додека Италијанците ги подучуваат за нивниот начин на живот.
Додека еден од машките ликови го започнува својот монолог за тоа како американското сфаќање за „релаксација“ е работење цела недела за да можат за викенд да лежат по пижами, да пијат пиво и да гледаат на телевизија како други луѓе си го живеат животот, тој пред публиката го претставува концептот „la dolce far niente“, односно слаткото уживање во неправењето ништо.
Ликот продолжува да објаснува дека Италијанците може да си заминат дома по неколку часа работа за малку да дремнат, да се инспирираат од некој близок кафе-бар и да седнат да испијат чаша вино, или едноставно да си одат дома и да водат љубов со својата сопруга. Иако за некои од нас можеби е малку нереално да си заминеме од работа среде бел ден за да дремнеме, сцената сепак беше впечатлива.
Идејата е дека „неправењето ништо“ всушност е настан сам по себе. Идејата е дека не трчаме на подвижна лента со активности - од спремање на децата за училиште, миење заби, состаноци, земање на децата, правење вечера и легнување, за потоа да почнеме сѐ одново. Идејата е нашите секојдневни постапки да бидат водени од нашите инстинкти, а не од рутини, наметнати обврски и правила.
Колку би бил различен вашиот живот доколку одвоите време во текот на денот да го доживеете „la dolce far niente“?
Наместо да ги користите слободните моменти за да проследите која домаќинка какво возило си купила на „Хулу“, наместо да си ја проверите е-поштата уште еднаш за да видите дали на некој друг му треба нешто од вас, наместо слободното време да го трошите на проверка на банкарските сметки или плаќање на сметката за телефон, што ако едноставно не правите ништо?
Борбата против тој нагон постојано нешто да се прави - тоа пуританско сфаќање за работата што ни е всадено на сите уште од мали, бара исто толку труд колку и одењето во сала и вежбањето. Сепак, резултатите од нашата воздржаност и тоа како вредат за трудот.
Оној вид релаксација што го бараме и по кој сите копнееме не се наоѓа на падините на некој вулкан, во некој редок цвет или на некој далечен и пуст остров. Тој вид релаксација постои во секој од нас и ни е на дофат на раката ако сме подготвени да вложиме малку труд.
Слаткото уживање во неправењето ништо и уживањето во сегашниот момент е најголемата благодарност што можеме да ја изразиме за животот и благословите што ги имаме.
Сета таа врева - „Фејсбук“, реални шоуа, најновиот и најпопуларен ресторан каде што не може да се влезе ако не резервирате еден месец однапред, сѐ тоа исчезнува кога едноставно не правиме ништо. Она што излегува на површина е самиот живот, нашите чувства во моментот (било да е тоа спокој или очај), нашиот егоизам исчезнува и на површина излегува нашето вистинско јас.
Што ако на сабота и недела не гледате како на единствените денови за опуштање и одмор? Можеби ќе седнете и ќе прочитате книга. Можеби ќе гледате низ прозорецот или од балконот и ќе го слушате вашиот омилен музичар. Можеби ќе научите да свиркате, да медитирате, да се истегнете, да се излежувате или (замислете!) да дремнете.
Што можете да направите денес за конечно да почнете да не правите ништо?
Извор:
Psychologytoday.com
Фото: Magnific