Научниците создадоа тутун без никотин

Научниците создадоа тутун без никотин

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Научниците објавија дека успеале да создадат тутун речиси целосно лишен од никотин, а овој успех би можел да го отвори патот за дизајнирање нов вид цигари што ќе создаваат помала зависност од пушење.

Германскиот технолошки универзитет ТУ од Дортмунд објави дека научниците успеале генетички да го модифицираат тутунот „вирџинија“ така што значително ја намалиле концентрацијата на супстанцијата што предизвикува висока зависност.

Светската здравствена организација и неколку други слични тела ги повикаа владите да почнат со истражување на можностите за намалување на количината на никотин - токму никотинот е главната причина за зависност од цигарите.

Цигарата содржи 4.800 други хемикалии, од кои околу 70 веројатно се канцерогени.

- Наместо 16 милиграми, секој грам тутун сега содржи само 0,04 милиграми никотин - изјави главниот автор на истражувањето, Феликс Стеле.

- До денес, никој во светот не успеал толку да го намали процентот на никотин - додаде тој.

Научниците велат дека користеле технологија на генски ножици за да „отсечат“ шест гени релевантни за производството на никотин. Растението успеало да ги реконструира гените што недостигале, но реконструкцијата била со дефект. Тој процес веројатно може да се примени на кој било друг тутун, велат научниците.