Научници тестираат примероци од лилјаци во Камбоџа за да го разберат коронавирусот

Научници тестираат примероци од лилјаци во Камбоџа за да го разберат коронавирусот

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Истражувачи собираат примероци од лилјаци во Северна Камбоџа за да го разберат коронавирусот.

Тие се враќаат во регион во кој пред десет години бил откриен сличен вирус кај животните. Во 2010 биле собрани два примерока од лилјаци во провинцијата Стунг Тренг и тие се сочувани во замрзнувач на институт во Камбоџа. Тестирање на истите примероци минатата година открило дека вирусот е сличен со коронавирусот кој ја предизвикува болеста ковид-19.

Истражувачкиот тим од „Институт Пастор ду Камбоџ“ веќе една седмица собира примероци од лилјаци и ги евидентира нивните видови, пол, старост и други детали. Слични истражувања се одвиваат и на Филипините.


Фото: Pixabay

Научниците се надеваат дека оваа истражувачка работа ќе помогне подобро да се разбере коронавирусот. Домаќините на ваквите вируси, како лилјаците, обично не покажуваат симптоми, но може да ги пренесуваат  на други животни или на луѓе. Некои смртоносни вируси што потекнуваат од лилјаците се еболата и други коронавируси, како САРС и МЕРС.

Меѓутоа, научниците велат дека луѓето се одговорни за пандемиите предизвикани од овие вируси бидејќи ги уништуваат природните живеалишта на лилјаците.

Проектот за истражување на лилјаците е финансиран од Франција и треба да покаже дали трговијата со диви животни има улога во пренесувањето на вирусите од лилјаците на луѓето.

Извор: Klix