„Едвард раце ножици“ – претстава за тоа како општеството ги прифаќа различностите

„Едвард раце ножици“ – претстава за тоа како општеството ги прифаќа различностите

Колку сме подготвени да ги надминеме предрасудите кон различните од нас и да ги прифатиме и каков е третманот на општеството кон маргинализираните групи е тема на младинската претстава „Едвард раце ножици“ во режија на Нела Витошевиќ, која вечерва од 20 часот премиерно ќе ја изведе Театарот за деца и младинци.

Претставата е работена според познатиот истоимен филм од 1990 година на Тим Бартон, за кој Витошевиќ рече дека врз неа влијаел многу инспиративно и како личност и како режисер. Затоа и го избрала за режија откако добила покана од ТДМ за прва соработка. На прес-конференција рече дека сакала тоа да биде претстава за сите возрасти, но сепак да има едукативна порака и целна група да бидат млади над 14 години.



Приказната е сместена во 50-тите години на минатиот век во САД, каде што се појавува Едвард (во филмот го игра Џони Деп) со раце – огромни ножици, што на почетокот им изгледа егзотично на луѓето во конзервативната и конформистичка средина.
- Но, подоцна го отфрлаат зашто им ја разнишува нивната комфорна зона и општеството го прогласува за опасен за околината. Тој е принуден да се врати во замокот каде што и претходно живеел сам - рече Витошевиќ. Таа додаде дека „Едвард раце ножици“ жанровски е современа бајка и е најличен филм на Тим Бартон, негов надреалистички автопортрет зашто и самиот во детството се перципирал како поинаков од другите и се изолирал во свој свет.


 Бојан Кирковски го игра насловниот лик

Насловниот лик во претставата на ТДМ го игра Бојан Кирковски, кој истакна дека публиката ќе види нешто многу поразлично и интересно.
- Буквално ќе биде како да гледаат филм од еден час и 15 минути. Црпиме од филмот и карактерот што го играм е според филмскиот лик – го задржавме неговиот изглед: лузните, периката, костимот… иако, сепак, јас не сум холивудскиот колега, се пошегува Кирковски.
Актерката Симона Спировска додаде дека филмот им бил појдовна точка, но дека се обиделе да ги продлабочат емоциите на ликовите.
- Го задржавме контекстот на времето и местото, но се обидовме, а мислам и дека успеавме во голема мера да изградиме ликови кои зборуваат многу подлабоко за дискриминацијата со која се соочуваме на секој чекор - рече Спировска која во претставата го игра ликот на Пег Богс.

Како и во филмот, задржано е и шаренилото од бои зашто, како што рече режисерката, тоа е составен дел од приказната и ја пренесува атмосферата.
- Зборува за конформистичкиот дух, за општество кое навидум е весело и либерално, а под тоа е нешто друго. Контраст на тоа е мрачниот замок што се издига над градот и кој го симболизира внатрешниот свет на ликовите - посочи Витошевиќ, која ја направи и драматизацијата заедно со Ивана Ангеловска.


Нела Витошевиќ (десно) првпат режира во Театарот за деца и младинци

Сценографијата е на Костантин Трпеноски, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, а композитор Огнен Анастасовски. Играат 13 актери од различни возрасти, меѓу нив и неколку млади и нововработени во ТДМ.
„Едвард раце ножици“ ќе се игра во средите од 20 часот – терминот за младински претстави во овој театар. Премиерата утревечер е поместена ден порано зашто оваа среда е државен празник.
Директорката на Театарот, Катарина Илиевска-Силјановска, очекува претставата да има многубројна, пред сѐ, млада публика и дека ќе ја исполни целта – да едуцира и да ја разбуди емпатијата кон различните. Соопшти и дека до крајот на годинава подготвуваат уште две премиери – претстава за тинејџери и куклена за деца.

извор: МИА