Лекарите се жалат - нема термини за тестирање за ковид-19, од Здравство велат дека тестови има во секое време

Лекарите се жалат - нема термини за тестирање за ковид-19, од Здравство велат дека тестови има во секое време

Подготвил: Елица Бочвароска

Лектор: Ивана Кузманоска

Закажувањето тест за коронавирусот, како што велат матичните лекари, постојано е проблем, а некои од пациентите што не може да чекаат за тест во јавните здравствени установи одат да се тестираат во приватните лаборатории, каде што за тестот плаќаат од илјада до две илјади денари.


Матичните лекари постојано алармираат дека нема доволно термини за тестирање за коронавирусот и дека на пациенти за кои постои сомнеж дека имаат ковид-19 не може да им закажат тестирање во јавните здравствени установи од пет дена до цела недела. Според нив, дел од пациентите, не можејќи да чекаат термин, тестот го прават на сопствен трошок во приватните лаборатории.


Министерството за здравство вели дека термини за ПЦР-тестирање и за тестирање со антигенски брзи тестови има на располагање во секое време.

- Дневно се отворени 670 термини за ПЦР-тестирање и дополнителни 230 за брз антигенски тест. Тестирања се вршат и по епидемиолошка процена во центрите за јавно здравје, Институтот за јавно здравје, како и во ковид-центрите во болниците низ државата - велат од Министерството за здравство. Инаку, во државата последните неколку месеци во просек се прават околу 3000 теста дневно.

Закажувањето тест за коронавирусот, како што велат матичните лекари, постојано е проблем, а некои од пациентите што не може да чекаат за тест во јавните здравствени установи одат да се тестираат во приватните лаборатории, каде што за тестот плаќаат од илјада до две илјади денари. Според нив, има и такви што одбиваат да се тестираат и покрај лекарската препорака дека треба да се направи ваков тест за да се исклучи можноста дека имаат ковид-19.


- Постојано бркаме термини за тестирање за ковид-19 и тоа е проблем кој се провлекува цело време. Кога имаше многу заболени, беше разбирливо да се чека. Имаме и такви пациенти што не сакаа да се тестираат, па се убедувавме или други што зафаќаа место на некој што му беше потребно - вели д-р Лилијана Којиќ, која работи како матичен лекар, а е клинички педијатар специјалист.

Д-р Лилија Чолакова-Дервишова, матична лекарка и претседател на Здружението на приватни лекари на Македонија, вели дека за тест најчесто се чека од четири до пет дена, а понекогаш и цела недела.

- Голем дел од пациентите се вработени и ако постои сомнеж дека се заразени, не може да чекаат тест на државно, па го прават приватно бидејќи нема начин да го оправдаат отсуството од работа. Знаеме дека при поголем број заболени државните лаборатории немаат капацитет сите одеднаш да ги тестираат - вели Чолакова-Дервишова.

Таа додава дека во помалите градови немаат проблем со закажување за оние пациенти кај кои веќе има еден дијагностициран во семејството.

- Ако има еден заболен, понатаму другите од семејството ги водат епидемиолозите и сите потребни тестови и иследувања се прават во болница, на пример, така е во Велес каде што јас сум матичен лекар. Но термини за тестирање речиси секаде фалат, а во Скопје тоа постојано е проблем. Имав случај кога пациент со лесни симптоми на ковид-19 се излекува додека го чекаше терминот за тестирање, а потоа тестот покажа дека е позитивен и мораше да седи во изолација иако немаше симптоми. Друг случај кога тестот беше негативен, а пациентот ги имаше сите симптоми на тешка форма, па веднаш го пративме во болница - вели Чолакова-Дервишова.

Поплаки од граѓаните дека долго се чека за тест постојано има на социјалните медиуми. Тие се жалат дека не можејќи да чекаат да бидат викнати на тестирање, го направиле тоа на сопствен трошок, а дел од нив реагираат дека термин за тест со упат од матичен лекар не можеле да добијат ниту во Институтот за јавно здравје, каде што им било кажано дека нема термин за тестирање со упат од матичен, но доколку сакаат, може да се тестираат и да платат за тестот.



Директорот на Институтот за јавно здравје, д-р Шабан Мемети, негира дека на граѓаните им било кажано дека термин со упат од матичен нема и дека им било побарано тестот да го платат на приватно. Тој вели дека Институтот не го определува бројот на термини за тестирање за коронавирусот, туку дека тоа го прави Управата за електронско здравство заедно со Министерството за здравство.

- Не е точно дека некому му било побарано да плати. Сите што ќе дојдат со упат, Институтот како јавно здравствена установа е должен да ги прими и да ги направи сите испитувања и тестови. Ако се жалат дека нема доволно термини, за тоа треба да каже Министерството за здравство, кое заедно со Управата за електронско здравство ја прави распределбата на термини. Ние имаме многу поголем капацитет да направиме тестови од она што дневно се прави кај нас. Секако, имаме и пациенти кои доаѓаат и прават тестови на приватно, тоа се странски државјани - вели д-р Мемети.

Од Министерството за здравство велат дека тие не ја прават распределбата на термини за тестирање.
- Во зависност од тоа колкав е капацитетот на лабораториите, се одредува и бројот на термини што ќе бидат издадени за јавните здравствени установи. Во процесот на одредување потребни термини за тестирање учествуваат центрите за јавно здравје, како и самите здравствени домови каде што се спроведува тестирањето - велат од Министерството за здравство.