Game Dev Rev 2025: Првата конференција за развој на видеоигри во Македонија успешно го испиша своето прво поглавје
На 16 октомври во Македонскиот народен театар се одржа првото издание на Game Dev Rev, првата интернационална конференција целосно посветена на индустријата за развивање видеоигри во Македонија.
Настанот го организира Асоцијацијата на македонската индустрија за видеоигри – МГИ, со поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Македонија, Western Balkans Fund, како и со учество и поддршка на многубројни домашни и регионални партнери.
Конференција која ги поврза регионалните креативни сили
Настанот го отвори министерот за култура и туризам на Македонија Зоран Љутков, кој ја нагласи поврзаноста меѓу креативноста и културната политика, истакнувајќи: „И двете започнуваат со идеја што може да прерасне во нешто големо.“ Тој ја пофали иницијативата на МГИ за организирањето на оваа конференција и се заложи Министерството да продолжи да ја поддржува и понатаму, и ја охрабри младата генерација да сонува, создава и да соработува. На ова се надоврза директорот на Европската федерација на гејм девелопери, Јари-Пекка Калева и изјави: „Македонската гејм дев заедница можеби е мала, но е полна со талент и страст – две работи што можат да те одведат далеку во оваа индустрија. Чест ми е да објавам дека МГИ стана дел од Европската федерација на развивачи на видеоигри (EGDF). Верувам дека со меѓусебна поддршка и отворени можности, Македонија може да стане центар што не губи, туку привлекува таленти.“
На Game Dev Rev 2025 присуствуваа претставници од повеќе државни институции, амбасади и невладини организации, а привлече повеќе од 350 посетители – студенти, млади (и возрасни) професионалци, независни студија и компании од регионот, кои имаа можност да следат предавања, панел-дискусии, Fireside chat и Indie Expo зона. На сцената говореа врвни експерти од Америка, Јапонија, Турција, Европа, Македонија и од регионот.
Еден од централните моменти беа говорите на Илари Куитинен (Финска), Кејт Едвардс (Америка), Кеи Хироки (Јапонија) на кои, како ветерани со повеќе од 30 години искуство и работа во гејм девелопментот, им беше доделено и признанието „Eternal Legacy Award“ за исклучителен придонес во глобалната гејм дев индустрија. Исто така, особена заинтересираност и посетеност привлече и панелот “Game Divas: Empowering Women in the Gaming Industry”, посветен на жените во гејминг индустријата, а финансиран од Western Balkans Fund.
Прв чекор кон иднината на македонскиот game dev
Game Dev Rev 2025 го означи почетокот на ново поглавје – создавање национална платформа за контакти, соработка и образование во гејминг секторот.
Покрај конференцијата, програмата вклучи и VIP networking активности, културна тура низ Скопје и постконференциска прошетка по кањонот Матка и пештерата Врелo.
Организаторите најавија дека Game Dev Rev 2026 ќе се одржи повторно, на 15 октомври 2026, со амбиција настанот да прерасне во традиционален регионален форум за развој на видеоигри и креативни технологии.