Германија има милијарди за инвестиции, но нема кој да работи
Германија планира големи вложувања во инфраструктурата, одбраната и дигитализацијата. Меѓутоа, студијата на Институтот на германското стопанство предупредува дека недостигаат околу 148.000 стручни работници за спроведување на тие проекти, пишува Дојче веле.
Во посебниот фонд за модернизација на инфраструктурата Германија располага со половина трилион евра, но недостигот на квалификувана работна сила го отежнува трошењето на тие пари.
Имено, самите пари не се доволни, се наведува во студијата на Институтот за германско стопанство (ИВ) од Келн, објавена во понеделникот.
Најмногу недостигаат работници од техничките струки
- Успехот на проектите во голема мера зависи и од тоа дали постојат доволно квалификувани експерти што ќе ги планираат, градат и ќе управуваат со нив - стои во извештајот.
Тука постојат неизвесности, особено кога станува збор за занимањата во областите на инфраструктурата, енергетската транзиција и дигитализацијата.
„Ако занимањата што се преклопуваат се сметаат само еднаш, од јули 2025 до јуни 2026 година за спроведување на инвестициската програма во просек недостигаа 148.047 стручни работници. На овие три групи занимања отпаѓаат 44 проценти од вкупниот недостиг на квалификувана работна сила.“
Барани се електричари, машински техничари и инсталатери
Според истражувачите од Келн, најголем недостиг се бележи во техничките занимања. „Тоа ги вклучува електроинсталациите во градежништвото, санитарната техника, греењето и климатизацијата, електротехниката на индустриските постројки, како и машинската техника и одржувањето на постројките.“
Најмногу недостигаат работници со завршено стручно образование, наведуваат авторите на студијата. Очекуваат дека огромните вложувања дополнително ќе го продлабочат недостигот на кадри бидејќи потребните работници нема едноставно да се појават сами од себе ако државата не преземе соодветни мерки.
Германија очекува економски раст благодарение на државните вложувања
Владата неодамна значително ги зголеми прогнозите за растот на германското стопанство. Причина за тоа е зајакнувањето на извозот, но пред сè големите државни вложувања во инфраструктурата и одбраната во вредност од трилион евра во текот на следните години.
Се очекува дека БДП оваа година ќе порасне за 1,3 проценти, а во 2027 за 1,1 процент. Во 2028 година растот би требало да забави на 0,6 проценти.
Стареењето на населението дополнително го влошува проблемот
Недостигот на работна сила е последица на стареењето на населението и недостигот на млади генерации, што само делумно може да се надомести со населување. ИВ смета дека тоа е еден од најголемите структурни проблеми на Германија.
„Непополнетите работни места краткорочно значат пропуштено создавање на додадена вредност, а долгорочно и послаб иновациски потенцијал и побавен економски раст“, се наведува во анализата.
Во текот на минатата година во сите занимања останаа непополнети 54.000 места за стручно образование, додека речиси 40.000 кандидати не успеаја да најдат место за оспособување во посакуваното занимање.
Фото: magnific