Компаниите изнесуваат низа предлози за распределба на богатството од вештачката интелигенција, но досега не ги решија клучните прашања за тоа како ќе функционираат, колку ќе бидат транспарентни и кој ќе ги одредува корисниците
Додека се подготвуваат за масовни јавни понуди на акции на Волтстрит, компаниите што ја предводат вештачката интелигенција почнаа да скицираат планови за споделување на своето богатство со јавноста.
Сметаат дека тоа е нужно за решавање на нарушувањата што технологијата би можела да ги донесе во работната сила и егзистенцијата на луѓето.
Челниците на компаниите „Антропик“ и „Опен АИ“ долго тврдеа дека доаѓањето на технологијата ќе донесе многу придобивки за обичните луѓе и ветија дека тоа ќе вклучува и удел во добивката.
Компаниите изнесуваат низа предлози за распределба на богатството од вештачката интелигенција, но досега не ги решија клучните прашања за тоа како ќе функционираат, колку ќе бидат транспарентни и кој ќе ги одредува корисниците.
„Антропик“ најави дека 5 проценти од своите акции ќе ги вложи во Фондот за јавна корист на Антропик, нов ентитет во рамките на компанијата, со одобрение од акционерите. Уделот би можел да се зголеми како што компанијата ќе расте во иднина.
Фондот би можел да истражи поголеми донации за традиционалните непрофитни организации или потенцијално да дистрибуира пари за одредени популации.
Малку се знае за тоа за какви организации станува збор и со какви проблеми се занимаваат. Засега единствено ги исклучија лобирањето и политичките донации.
Обид за придобивање на јавноста?
„Антропик“ се подготвува за јавна понуда на акции со процена на вредноста од близу трилион американски долари и таа би можела да се спроведе уште во текот на ноември.
Откако компанијата ќе стане јавна, донациите може да се даваат преку продажба на идни акции или потенцијално преку нивно претворање во парични дивиденди во иднина. За што ќе се одлучат во Антропик, засега не е јасно.
Компанијата веќе вложи 200 милиони американски долари во пошироко проучување на економските ефекти од вештачката интелигенција.
Исто така, најави дека приближно 20 проценти од акциите ќе бидат посветени на јавното добро, плус секој дополнителен процент што би можел да се додаде ако процената на вредноста на компанијата достигне одредени пресвртници.
Како пример за нивниот филантропски фокус ги понудија влијанијата врз пазарот на трудот и истражувањето на „посмели пристапи“ кои би можеле да бидат потребни за ублажување на последиците.
Во наредните месеци би требало да споделат повеќе детали за структурата и управувањето со фондот.
Во мај претседателката на „Антропик“, Даниела Амодеи, рече дека очекува успехот на компанијата општо да доведе до поголема филантропска поддршка за истражување на болести и за осигурување дека сите во светот го делат просперитетот за кој се надева дека ќе го создаде вештачката интелигенција.
Критичарите предупредуваат дека челниците на ВИ-компаниите треба да ја избегнуваат ароганцијата на претходните технолошки барони кои претпоставуваа дека нивната професионална стручност ќе можат лесно да ја применат и во мудро филантропско вложување.
Можат да се слушнат и тврдења дека ветувањата се обид за придобивање на наклонетоста на јавноста со истовремено задржување на контролата и спротивставување на откривањето информации.
Нова генерација филантропи - нова структура
„Антропик“ и „Опен АИ“ се структурирани како корпорации за јавна корист, што е ознака која од компаниите бара да се стремат не само кон профит, туку и кон општествено добро.
„Опен АИ фондација“, непрофитната организација која го контролира „Опен АИ“, вети дека ќе го изгради својот капацитет за доделување бесповратни средства со обврска од една милијарда американски долари.
Покрај тоа, „Опен АИ“ во април предложи создавање на фонд за јавно богатство со удел во економскиот раст поттикнат од вештачката интелигенција во компаниите во поширока смисла.
Тој фонд би можел да вложува во неколку видови имот, со поврат кој директно би им се дистрибуирал на луѓето, без оглед на тоа дали инвестирале на финансиските пазари или не.
„Опен АИ“ планира сопствена јавна понуда на акции следната година.
Главниот извршен директор Сем Алтман, исто така, разговараше со законодавците од двете страни за споделување на сопственичките удели во компаниите кои се занимаваат со вештачка интелигенција со јавноста.
- Шефот на „Спејс екс“, Илон Маск - инаку склон кон избегнување на традиционалната филантропија - вети дека ќе донира дел од акциите од сопствената компанија.
За време на процутот на персоналните компјутери, личности како Мајкл Дел и соосновачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, основаа приватни фондации за да управуваат со своите филантропски активности.
Денес челниците од Силициумската долина, вклучувајќи го и главниот извршен директор на „Мета платформс“, Марк Закерберг, се свртија кон друштвата со ограничена одговорност - модел кој за својот фонд наменет за општо добро го користи и компанијата Антропик.
Таквата структура на сопствениците им обезбедува поголема контрола.
Друштвото со ограничена одговорност не е врзано со истите правила за трошење средства како фондацијата, која е обврзана да распредели најмалку пет проценти од вредноста на својот имот, па затоа имаат значително повеќе флексибилност и слобода во начинот на кој ги користат ресурсите што ги вложуваат во фондот.
Друштвата со ограничена одговорност овозможуваат активности надвор од рамките на традиционалната филантропија, како што се исплати на поединци.
Меѓутоа, ако компаниите не спроведуваат традиционални добротворни грантови, се наоѓаат во сива зона бидејќи се поставува прашањето на кој начин јавноста всушност има корист од тоа. Сопствениците на таквите друштва, исто така, не остваруваат исти даночни олеснувања.
Ветувањето на компанијата „Антропик“ не доведува автоматски до даночно отпишување. Компанијата може да побара даночен одбиток дури откако донираните акции ќе се пренесат на добротворна организација.
Освен тоа, од друштвата со ограничена одговорност се бара пониско ниво на транспарентност, пишува АП.
Фото: принтскрин/јутјуб