Нова ВИ-алатка врз основа на фотографија од лице може да ја открие веројатноста за преживување рак
Лекари развија алатка заснована на вештачка интелигенција која врз основа на една фотографија од лице може да ја процени биолошката старост на лицето и да ја предвиди веројатноста за преживување рак.
Системот го развија стручњаци од здравствениот систем „Мас џенерал бригем“ од американската сојузна држава Масачусетс, а го обучуваа на повеќе од 40 милиони фотографии од лица на луѓе од различни возрасти и етничко потекло, пренесува Гардијан. Резултатите од истражувањето се објавени во списанието „Лансет дигитал хелт“.
Истражувачите развија две поврзани алатки.
„FAHR-FaceAge“ ја проценува биолошката старост на лицето и врз основа на неа го предвидува преживувањето на заболените од рак, додека „FAHR-FaceSurvival“ директно ја проценува веројатноста за преживување врз основа на фотографијата од лицето.
Иако двата алгоритма се засновани на истиот модел, користат различни делови од лицето и обезбедуваат комплементарни информации за здравствената состојба.
„FAHR-FaceAge“ посебно ги анализира брчките што се протегаат од носот кон аглите на усните, областа на челото над очните шуплини и слепоочниците, додека „FAHR-FaceSurvival“ ја проценува областа под очите и околу коренот на носот.
Еден од авторите на истражувањето, Хуго Аертс, изјави дека „FAHR-FaceSurvival“ претставува напредок во примената на вештачката интелигенција за процена на здравствената состојба врз основа на изгледот на лицето бидејќи директно учи да го проценува ризикот од смртен исход кај пациентите заболени од рак.
Меѓу заболените од рак во САД што биле подложени на радиотерапија, пациентите кои, според процената на „FAHR-FaceAge“, изгледале најмалку пет години постаро од нивната вистинска старост имале 21 процент поголем ризик од смрт во просечниот период на следење од четири години.
Кај оние што изгледале најмалку пет години помладо ризикот бил 17 проценти помал.
Истражувачите наведуваат дека резултатите укажуваат на силна поврзаност помеѓу проценетата биолошка старост и физичкото здравје, што би можело да им помогне на лекарите во процената на способноста на пациентите да поднесат одредени терапии.
Развиената технологија би можела да помогне во процената на ризикот од смрт или компликации по големи хируршки зафати и други терапии против рак, како и во носењето одлуки за најсоодветниот начин на лекување.
Онкoлогот Рејмонд Мак од „Мас џенерал бригем“ изјави дека на лекарите, поради стареењето на населението, им се потребни подобри начини за процена на физичката отпорност на пациентите пред да препорачаат интензивни терапии, како зрачење, операција или системска терапија.
Обилното консумирање алкохол, употребата на дрога и пушењето биле поврзани со процената дека лицето изгледа биолошки постаро на фотографиите.
Мак наведе и дека алатката останала релативно сигурна и покрај вообичаените разлики меѓу фотографиите, како аголот на снимање, осветлувањето, изразот на лицето и шминката, како и кај мнозинството испитувани естетски хируршки зафати.
Сепак, лекарите предупредуваат дека е потребно да се спроведат дополнителни истражувања пред ваквиот тип технологија да може да се користи во широка клиничка примена.
Фотографијата од лицето би можела да биде едноставен и евтин начин за дополнителна процена на здравствената состојба и помош при изборот на терапија, но не би требало да ја замени процената на лекарот, наведуваат тие.
Фото: magnific