Во кои случаи се користи „оземпик“ и дали треба да се зема на своја рака, објаснува д-р Биљана Шишкова, супспецијалист-кардиолог

Во кои случаи се користи „оземпик“ и дали треба да се зема на своја рака, објаснува д-р Биљана Шишкова, супспецијалист-кардиолог

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Семаглутидот е значаен напредок во современата медицина. Неговата примена има најголема вредност кога е заснована на соодветна индикација, информирана одлука и континуирана стручна поддршка. За лицата што имаат зголемена телесна тежина, првиот чекор е консултација и индивидуална процена на можностите за третман, вели докторката Биљана Шишкова, супспецијалист-кардиолог

„Оземпик“, лек наменет за третман на дијабетес тип 2, сè почесто се користи и за слабеење, неретко на своја рака и без лекарски надзор. Во трката за брзи резултати и полесно губење на килограмите, многумина ги занемаруваат ризиците што ги носи неговата неправилна употреба, претворајќи го лекот во тренд со потенцијално сериозни последици врз здравјето.

Докторката Биљана Шишкова, супспецијалист-кардиолог во „Кардио превент“, ни објасни детално што стои зад имињата „оземпик“ и „вегови“, кому може да му помогне оваа терапија и зошто е важен индивидуалниот медицински пристап.
Во последните години семаглутидот привлече големо внимание, како кај медицинската така и кај широката јавност, поради неговата улога во лекувањето на дијабетесот тип 2 и ефектот врз телесната тежина. Во јавноста најчесто се препознава преку трговските имиња на лековите „оземпик“ и „вегови“. За правилно разбирање на овие лекови, важно е да се знае како дејствува нивната заедничка активна супстанција и кои се нивните одобрени намени.

- Семаглутидот спаѓа во групата лекови наречени агонисти на GLP-1 рецепторите. Тој го имитира дејството на природниот GLP-1 хормон што учествува во регулирањето на шеќерот во крвта и апетитот. Помага во контролата на гликемијата, на гликозно зависен начин (го намалува шеќерот во крвта ако е покачен), а истовремено влијае и врз апетитот, го зголемува чувството на ситост и го намалува гладот. Овие ефекти ја објаснуваат неговата примена во третманот на дијабетесот и на дебелината - објаснува докторката Шишкова.

„Оземпик“ и „вегови“ - иста активна супстанција, различни одобрени намени


Според неа, за пациентите ова значи подобра контрола на болеста и полесно придржување кон планот за исхрана. Дополнително, семаглутидот помага во заштитата на срцето и бубрезите, го намалува ризикот од срцев и мозочен удар и придонесува за подобра контрола на крвниот притисок и маснотиите во крвта. Широкиот спектар на дејства го позиционира семаглутидот како еден од најзначајните фармаколошки напредоци во современиот третман на лицата со дијабетес, дебелина и нивните компликации. Сепак, изборот на терапијата треба да го направи лекар, а тој ќе зависи од здравствената состојба, медицинските индикации и индивидуалните потреби на секој пациент.

- „Оземпик“ има значајно место во лекувањето на дијабетесот тип 2. Намалувањето на телесната тежина што може да се постигне со него е дополнителна придобивка кај пациентите кои истовремено имаат дијабетес и зголемена тежина. Неговата одобрена намена е за третман на дијабетес тип 2, како дополнување на исхраната и физичката активност. Покрај оваа примена, дел од луѓето во светот и кај нас го користат „оземпик“ за намалување на телесната тежина. Токму овој ефект придонесе за големиот јавен интерес за семаглутидот. Во тој контекст, важно е вниманието да се насочи и кон „вегови“ - лек што ја содржи истата активна супстанција, но е одобрен од регулаторните тела за намалување и одржување на телесната тежина кај лица со дебелина. Разликата меѓу овие лекови е во одобрената намена и дозните режими. Затоа нивниот избор, дозирање и евентуална замена треба да бидат дел од лекарски воден третман - споделува нашата соговорничка.



Кога се разгледува терапија за намалување на тежината?

Како што објаснува таа, „вегови“ се применува кај возрасни со индекс на телесна маса BMI ≥30 kg/m2 или ≥27 kg/m2 кога постои здравствен проблем поврзан со тежината (на пример: покачен крвен притисок, нарушени масти во крвта) и кај адолесценти ≥12 години со дебелина или телесна тежина над 60 kg. Терапијата се користи заедно со приспособена исхрана и физичка активност.

- BMI е почетен показател. За изборот на третман, важни се и обемот на струкот, придружните заболувања, лабораториските наоди, постојната терапија и досегашните обиди за намалување на тежината. Целта е да се постави план што одговара на здравствените потреби и секојдневието на пациентот - вели Шишкова.

Медицинското следење е дел од терапијата. Семаглутидот нуди значајни терапевтски можности, но бара процена на очекуваните придобивки и можните ризици. Најчестите несакани ефекти се мачнина, повраќање, дијареја, запек и болка во стомакот, кои се минливи и се јавуваат на почетокот на терапијата, при зголемувањето на дозата.

- Редовните контроли овозможуваат следење на ефектот и подносливоста, постепено зголемување на дозата и подобро приспособување на третманот. Важно е пациентот да добие и практична поддршка: како да ги организира оброците, кои хранливи намирници да ги избира, а кои да ги избегнува, да воведува постепено физичка активност соодветна на својата состојба. Така терапијата станува дел од поширок план за грижа за здравјето - подвлекува Шишкова.



Таа и нејзиниот тим во „Кардио превент“ ги поврзуваат програмите за намалување на телесната тежина, медицинската процена, индивидуалниот план за исхрана и структурираната физичка активност. Кога постои индикација, се разгледува и можноста за медикаментозен третман со семаглутид, со стручно следење и реално поставени цели.

Доц. д-р Хасан Танер, ендокринолог и консултант во „Кардио превент“, ја води програмата за третман на дијабетес и програмата за намалување на телесната тежина.

- Оваа соработка овозможува ендокринолошката и кардиолошката процена да се поврзат со програмите. Пациентот добива насоки за употребата на овие лекови што ја земаат предвид неговата целокупна здравствена состојба, со внимание на телесната тежина, метаболичкото здравје и кардиоваскуларните ризик-фактори. Семаглутидот е значаен напредок во современата медицина. Неговата примена има најголема вредност кога е заснована на соодветна индикација, информирана одлука и континуирана стручна поддршка. За лицата што се соочуваат со зголемена телесна тежина, првиот чекор е консултација и индивидуална процена на можностите за третман - споделува Шишкова.

Фото: magnific