Доцент на ДУТ има повисока плата од редовен професор на УКИМ! Фрапантни разлики во платите

Доцент на ДУТ има повисока плата од редовен професор на УКИМ! Фрапантни разлики во платите

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Огромна е разликата и во платите на единиците на УКИМ. Три факултети се издвојуваат со највисоки плати. Најниската плата на професор на УКИМ изнесува 32.850 денари, а највисоката 122.205 денари.


Плати од 500 до 2.000 евра. Просечната плата на доцент на Државниот универзитет во Тетово е 48.147 денари, односно таа е поголема отколку на редовните професори на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – УКИМ и на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО)...
Нееднаквоста на платите меѓу професори во единиците на самите универзитети, но и меѓу универзитетите, за што се зборува веќе подолго време, сега ја потврди обемното истражување на Независниот академски синдикат (НАкС) реализирано во рамките на проектот „Финансиска транспарентност и отчетност во високото образование и науката во РСМ“, поддржан од Фондација „Отворено општество – Македонија“. Истражувањето е работено врз основа на податоците на МОН за јануари 2019 година.



Плати се делат од ракав

Универзитетските професорки Мимоза Ристова, Мирјана Најчевска и Маја Стефановиќ денеска на прес-конференција истакнаа дека во ниту еден од законите со кои се регулира финансирањето на високото образование и науката нема пропишани посебни пристапи и критериуми кои Министерството за образование и наука би ги употребило во распределбата на средствата.
- Распределбата се врши произволно, а врз основа на чисто политички и партиски параметри и без можност за контрола. Ваквиот начин на распределба на средствата го поткопува и тежнее да го сруши од темел образовниот систем - рече Најчевска.



Професорките истакнаа дека МОН користи коефициенти за пресметка на плати кои не се јасни. Коефициентот за пресметка на плата за редовен професор е 3.921, но професорките истакнаа дека и таа методологија не се почитува од страна на МОН.
- Доколку коефициентот за плата на редовен професор се помножи со минималната плата, која до скоро изнесуваше 12.507 денари, нето-платата од буџетот треба да изнесува 49.012 денари. Или, 56.854 со најновото покачување на минималната плата. Но, според податоците добиени од МОН, државата за редовен професор издвојува само 34.438 денари, што претставува коефициент од 2.755 - рече професорката Ристова.

Посебен проблем е тоа што коефициентите утврдени од МОН за административен кадар се определени според степен на образование, а не според сложеноста на работното место - истакнаа професорките.

Како се формираат платите?

Платите на универзитетските професори се формираат од основниот буџет на МОН и од дополнителните средства на факултетите. Но, дел од установите што немаат никакви сопствени приходи поради природата на студиите не можат да им исплатат повисоки плати на професорите. Дополнителните средства факултетите ги добиваат од апликативна дејност, од давање услуги, како и партиципацијата на студентите. Професорките истакнаа дека парите на студентите се трошат за плати на професори наместо да се подигне квалитетот на студиите. Според нив, Министерството за финансии не им одобрува на сите факултети да ги трошат овие средства за покачување на платите. Некои факултети имаат повеќе пари, но не и одобрение да ги трошат за оваа намена.


Највисоки плати во земјава имаат професорите од ДУТ и од УГД - Штип

Истражувањето покажало дека платите на македонските професори што се исплаќаат од буџетот на МОН се најниски споредено со колегите од регионот. Највисока плата (основна нето-плата) добиваат редовните професори во Косово и таа изнесува 1.500 евра. Во Албанија, Србија и во Црна Гора ниеден редовен професор не зема плата под 1.000 евра, додека во Македонија е 550 евра.
Највисоки плати во земјава имаат професорите од ДУТ и од УГД - Штип, а најдрастична е разликата меѓу професорите од УКИМ и УКЛО, од една, и ДУТ, од друга страна.

- Сопствените средства што одредени факултети ги имаат всушност доведуваат до ваква разлика во платите за исти работни места. Затоа, на пример, просечната плата на доцентите на ДУТ е повисока отколку на редовните професори на УКИМ - изјавија на пресот.
Но, овој тренд не е запазен кај платите на ректорите. Ректорот на УКИМ има поголема плата од неговите колеги и изнесува 120.000 денари. Над 100.000 денари е и платата на ректорот на ДУТ.

Огромна е разликата и во платите на единиците на УКИМ. Три факултети се издвојуваат со највисоки плати. Најниската плата на професор на УКИМ изнесува 32.850 денари, а највисоката 122.205 денари.
Помалку од половина од редовните професори на УКИМ примаат плата меѓу 40.000 и 50.000 денари, што претставува збир од сумата што ја исплаќа МОН, додаток за стаж од сопствените средства, како и „дополнување“ до максимум 20% од сопствени средства. Само 13% од платите на редовните професори на УКИМ се приближуваат до сумата што би требало да ја исплаќа МОН, доколку ја почитува сопствената методологија за пресметка, односно утврдениот коефициент за звањето. Најмалиот дел, 11% од вкупниот број редовни професори на УКИМ, се приближува, но и ги надминува платите на колегите од другите универзитети во земјата и во регионот.



- Само на три единици на УКИМ просечната плата на редовните професори е над границата од 60.000 денари. Најниската просечна плата за редовни професори изнесува само 36.194 денари (единица бр. 23), а највисоката дури 122.205 денари (единица бр. 5), што претставува разлика од 3,38 пати. Дополнително, вкупната просечна плата на вработените на четири единици на УКИМ е под 30.000 денари – проектираниот износ на просечна плата во државата од страна на оваа Влада, а на вкупно осум единици просечната плата за редовен професор изнесува под 40.000 денари, што дозволува да се претпостави дека на вработените во овие единици не им се исплаќаат додатоци за стаж во полн износ и дека единиците и Универзитетот може да бидат тужени од страна на своите вработени, со што би се блокирало нивното работење - истакнаа професорките на прес-конференцијата.

Највисоката просечна плата за асистент на УКИМ се исплаќа на единицата број 12 и изнесува 44.202 денари, што претставува повисока плата од просечната плата за редовен професор на дури 12 други факултети/институти при УКИМ.




Тие сметаат дека проблемот може да се реши само со системско решавање на финансирањето на високото образование и науката, вклучително и формирањето на платите на вработените.
- Во законите со кои се регулираат финансирањето и работењето на јавните високообразовни и научноистражувачки установи треба да бидат предвидени постапки и критериуми за распределба на средствата кои се предвидени во Буџетот на државата (основен буџет), МОН треба да формулира видливи и достапни за јавноста постапки и критериуми за распределба на средствата во високото образование и науката, а во најкраток можен рок да се формира Националниот совет предвиден во Законот за високо образование. Потребно е финансиската автономија да се прошири на сите средства што се доделуваат на високото образование и науката (основен буџет и средства од сопствени извори) - изјави Стевановиќ.

Таа истакна дека сѐ уште чекаат на средба со министерот за образование и наука Арбер Адеми за потпишување на колективниот договор во високото образование, чиј предлог пред две недели е испратен до МОН.
Ваквата нееднаквост во платите на универзитетските професори започнала уште во 90-тите години.

Факултети.мк во неколку наврати пишуваше за проблемите со платите во високото образование и за огромната разлика од факултет до факултет на еден универзитет, но и меѓу самите универзитети.