Дали испраќањето помалку е-пошта може да ја спаси планетата?

Дали испраќањето помалку е-пошта може да ја спаси планетата?

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Дали сте од оние луѓе што секогаш се заблагодаруваат? Доколку ова го правите и преку електронска пошта, треба да престанете, велат експерти од Велика Британија кои бараат начини за спасување на животната средина.

„Фајненшл тајмс“ пренесува дека наскоро од сите нас ќе се бара да испраќаме помалку е-пошта со тоа што нема да испраќаме „бескорисни“ пораки како оние за благодарност бидејќи така би се намалило испуштањето јаглероден диоксид.

Зошто се испушта јаглероден диоксид во атмосферата при користење е-пошта?

Повеќето луѓе мислат на интернетот како на облак кој постои надвор од нивниот компјутер. Но реалноста е дека секогаш кога испраќате е-пошта или што било друго преку интернетот, тој поминува низ синџир на електронски уреди што трошат енергија. Рутерот за интернет го испраќа сигналот низ жиците до локалната централа, а оттаму до компанијата за телекомуникации, а преку неа до големи центри за податоци кои се управувани од технолошките гиганти. Сите тие трошат електрична енергија.

Секако, една е-порака нема да има голем ефект, но според анализа спроведена во Велика Британија, доколку секој Британец испрати една е-порака помалку во текот на денот, емисиите на јаглероден диоксид би се намалиле за 16.433 тони годишно. Тоа е приближно исто како количеството штетни гасови што се произведуваат при илјадници летови од Велика Британија до други дестинации во Европа


Фото: Pexels

Сепак, професорот за компјутерски системи Крис Прајст од Универзитетот на Бристол вели дека во реалноста, технолошките системи потребни за испраќање е-пошта и генерално за користење на интернетот ќе работат и без да се испратат тие е-пораки, па нивната потрошувачка на електрична енергија нема да се намали драстично. Вашиот лаптоп сè уште ќе биде вклучен, како и интернетот, па целата мрежа ќе користи приближно исто количество енергија дури и доколку не го користите интернетот толку како сега, вели Прајст.

Што може да направи разлика?

Наместо да се грижиме за е-поштата, некои истражувачи велат дека треба да го свртиме вниманието кон услугите, како игрите или видеопреносите, што може да имаат поголем ефект. Дури и за овие услуги има дебата бидејќи големите технолошки фирми како „Гугл“ веќе гордо зборуваат дека не создаваат штетни гасови.

Според Прајст, она што би направило разлика е купувањето помалку технолошка опрема и одржувањето на истата подолг период. Но дури и ова е малку во споредба со патувањето, загревањето на домот и исхраната кога станува збор за животната средина, вели тој.

Автор: Дејвид Молој
Извор: bbc.com