По колкав период изумираат видовите животни

По колкав период изумираат видовите животни

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Големиот син кит ги разбранува морињата околу 4,5 милиони години, а неандерталците постоеле стотици илјади години. Но, дали тие се репрезентативни за сите видови во целина?

Колку време живеат видовите?

Се чини дека одговорот денес се разликува од оној што би бил порано поради уништувањето на живеалиштата на животните и климатските промени. Животните исчезнуваат побрзо од кога било порано поради овие фактори. Некои експерти тврдат дека се наоѓаме во шестото масовно изумирање на Земјата. Но дури и во помирните периоди од историјата на нашата планетата видовите изумирале со различна брзина.

За цицачите, просечниот животен век траел од 1 до 2 милиони години. Но некои цицачи постоеле и над 3 милиони години, а поголемите цицачи преживувале подолги периоди од помалите. Кај безрбетниците, видовите постојат од 5 до 10 милиони години во просек.

Сепак, овие процени се спорни и експертите не се согласуваат со просечното времетраење на видовите во која било категорија пред да изумрат. Сите податоци се базирани на пронајдени фосили, а мора да има совршени услови за да се формираат фосилите. Секако, тоа не е секогаш така и затоа статистиките не може да се земат како точни факти.


Фото: Pexels

Стјуарт Пим, експерт за изумирање на видовите и еколог, додава дека стапката на смртност на видовите исто така е спорна. Но тој проценува дека просечно изумира еден вид на 1 милион видови годишно доколку не се вклучат масовните изумирања. Во моментов има околу 8,7 милиони видови на планетата.

Други експерти даваат различни процени за изумирањето на видовите. Сепак, повеќето експерти се согласни дека стапката на истребување денес е многу поголема отколку во минатото. Според Пим, денес изумираат 1.000 повеќе животни на годишно ниво отколку во минатото. Повторно, некои експерти прават различни процени за денешните стапки на изумирање на видовите.

Но никој не знае точно колку видови има на Земјата и точно колку брзо изумираат. Се претпоставува дека околу 90% од животинските видови, главно инсекти, се неименувани. А доколку истражувачите не знаат дека некој вид постоел, тие нема да знаат ниту дека изумрел. Освен тоа, истражувачите немаат преглед на сите животни во светот и не знаат колку единки живеат на планетата во одреден момент.

Автор: Тара Сантора
Извор: livescience.com