Проф. д-р Оливер Бакрески, декан на Филозофски факултет: „Инвестирањето во студентите е најсигурната инвестиција за државата“

Проф. д-р Оливер Бакрески, декан на Филозофски факултет: „Инвестирањето во студентите е најсигурната инвестиција за државата“

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Секој студент е силата и енергијата што го движат факултетот напред, но и глас на новото време. И не само тоа, студентите се и нашата гордост, симбол на надежта, на промената, на силата што ја обликува иднината. Тие се жив доказ дека факултетот не е само минато, туку и светла иднина, истакнува Бакрески

Филозофскиот факултет во Скопје на 16 декември одбележа значаен јубилеј - 105 години постоење. Тоа е најстарата високообразовна институција со најголема традиција во нашата држава и со право се кажува дека факултетот е и академски и национален симбол во државата, и заедно со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се основоположници на македонското образование, наука и култура.

- Повеќе од еден век е навистина голем период. Се има впечаток дека во Филозофски факултет се собрале историјата, сегашноста и иднината во едно. Затоа Филозофскиот факултет е повеќе од факултет. Тој е темел и живо сведоштво за големата традиција и е огледало на академската извонредност. 105 години се олицетворение на силата и истрајноста. 105 години значат и престиж и континуитет, 105 години значат врвни резултати и научни достигнувања. 105 години значат да се чекори гордо и да се биде чувар на општествените и на хуманистичките науки. Во овие 105 години се испишуваше историја исполнета со знаење, труд, посветеност и зрелост. Тоа е патот што го трасираа генерации професори и соработници, но и патот што го изодеа илјадници студенти. Тоа е патот кој ја воздигна академската заедница кон височините на научна извонредност и кон зрелоста што ја зацврсти образовната, научната и културната традиција. Тоа е патот низ кој провејуваа идеи, визии и научна страст - вели деканот, проф. д-р Оливер Бакрески, кој дипломирал (1997), магистрирал (2002) и докторирал (2005) на Институтот за безбедност, одбрана и мир на Филозофскиот факултет во Скопје. На Институтот за безбедност, одбрана и мир е редовен професор од 2014 година за научните области: интегрална безбедност, менаџмент-системи, политички системи, дипломатија и планирање на одбраната.



 Филозофскиот факултет е носител на македонскиот образовен идентитет


Факултетот беше и остана центарот каде што се создаваат и се развиваат дисциплини кои го обликуваат идентитетот на македонскиот народ.

- Кога ќе се направи паралела меѓу Филозофскиот факултет некогаш и сега нема големи разлики. И тогаш и сега целите се исти – жарот е ист, ентузијазмот е ист, посветеноста и љубовта кон професијата остануваат непроменети. Иста е задачата да продолжиме да го исполнуваме аманетот на нашите предци и просветители од дамнешни времиња, а тоа подразбира да продолжиме да бидеме живиот глас кој ќе пулсира со текот на времето и во просторот. Тоа што ги обединува минатото и сегашноста е истата борба и стремеж и потрагата по знаење, иста верба во науката, истa научна љубопитност и истата мисија да се создаваат генерации кои ќе ја движат државата напред. Во минатото, во самите почетоци со скромни можности и ограничени ресурси, а денес, со современи технологии, дигитална трансформација и зголемена меѓународна соработка, вештачка интелигенција, факултетот ја има истата задача – да биде столб на образованието, науката и културата, да биде образовен храм на студенти и професори кои со својата љубов кон професијата ја градат иднината. И затоа со право се зборува дека факултетот остана да биде мост меѓу традицијата и современоста, меѓу минатото и иднината, меѓу националното и глобалното - истакнува деканот Бакрески.



Филозофскиот факултет развива дисциплини кои се уникатни и од национален интерес на државата, дисциплини што ја градат основата на општеството и ја обликуваат иднината на државата.

- Кога ќе кажеме филозофија, педагогија, историја, историја на уметност и археологија, класични студии, психологија, социологија, безбедност, одбрана и мир, социјална работа и социјална политика, специјална едукација и рехабилитација, родови и семејни студии – ние зборуваме за одредници што ги градат културата, образованието и традицијата на македонската држава. Тоа се темели од национален интерес, кои овозможуваат низ визурата на македонското образование и наука да се согледаат пошироките општествени контексти, да се разбере светот и да се гради иднината со мудрост и одговорност. Филозофскиот факултет, како еден од значајните носители на македонскиот образовен идентитет, и понатаму континуирано ќе се залага општествените и хуманистичките науки да ја имаат потребната општествена релевантност и вредност. Тоа е истовремено и процес на перманентно култивирање на наставната и на научната имагинација заради поцелосно и рационално разбирање на македонската динамична, сложена и противречна општествена реалност. Денес, факултетот стои исправен и достоинствен пред новите предизвици на времето. Во ерата на дигиталната трансформација и вештачката интелигенција, и зголемената меѓународна соработка тој не само што е подготвен да одговори на потребите, туку и активно ја обликува иднината на образованието. Ова подразбира дека постои јасен доминантен став дека овие процеси треба да овозможат поголема академска интеграција во глобалните образовни процеси, но и градење мостови на знаење и да се чекори сигурно во меѓународната научна сцена - подвлекува Бакрески.

Инвестирањето во студентите е најсигурната инвестиција

Како што вели тој, инвестирањето во студентите е најсигурната инвестиција за државата.

- Инвестирањето во студентите е најсигурната инвестиција која се враќа секогаш без исклучок и повеќекратно. Во нив се вложува многу – почнувајќи од нивните родители, кои со љубов и жртва стојат и ја поддржуваат нивната образовна патека, и од нас, професорите и факултетите, кои ги вложуваме нашата енергија и нашето знаење. Тие се нашата сегашност и нашата иднина. За Филозофскиот факултет, секој студент е силата и енергијата што го движат факултетот напред, но и глас на новото време. И не само тоа, и не помалку важно, студентите се и нашата гордост, симбол на надежта, на промената, на силата што ја обликува иднината. Тие се жив доказ дека факултетот не е само минато, туку и светла иднина - изјавува Оливер Бакрески.



Филозофскиот факултет е еден од најпривлечните факултети за студирање. Интересот е речиси на исто ниво како во почетокот на работата на факултетот.

- Денес, иако постои ограничување на бројот на студентите што се запишуваат во државна квота, бројот на пријавените кандидати е секогаш поголем. Секако дека има и одредени исклучоци кои се резултат на определени состојби во општеството кои консеквентно се одразуваат и на одредени студии и студиски програми. Сепак, одржување на интересот за студирање на факултетот е резултат на континуираните заложби на професорите и на соработниците од Филозофскиот факултет кои постојано ги иновираат и ги моделираат студиските програми во согласност со европските и со светските престижни универзитети, но тоа се должи и на докажаниот квалитет на сите наставници што учествувале и учествуваат во работењето на Филозофскиот факултет во изминатите повеќе од 100 години. Факултетот несомнено има исклучително реномиран и квалитетен наставен кадар кој со својата докажана експертиза учествува во многу реформски зафати, во креирање стратегии и политики кои се насочени кон осовременување на образованието, следење на современите развојни тенденции во образованието и подигнување на квалитетот на наставата, а зајакнувањето на институционалните капацитети во државата се иманентни за Филозофскиот факултет - подвлекува деканот на Филозофски факултет.




Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.