Тројански коњ во автономијата на универзитетите во Македонија

Тројански коњ во автономијата на универзитетите во Македонија

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk / Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Во година пред парламентарни и ректорски избори, својот став го кажаа повеќе членови на синдикатите

Ако државата преку ректорите на јавните универзитети се обиде на мускули да го донесе колективниот договор за вработените во високото образование, Независниот академски синдикат (НАкС) ќе бара помош и поддршка од меѓународната заедница, вели проф. д-р Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања и членка на НАкС. И Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) ја нарече скандалозна иницијативната на ректорите на универзитетите за формирање нов синдикат како услов за зголемување на платите во високото образование за 10%.

Мирјана Најчевска (во средина) / Фото: МИА

Академската заедница деновиве се крена на нозе откако ректорите ги собрале раководителите на факултетите и институтите и им посочиле дека Министерството за образование и наука ќе ги зголеми платите во високото образование ако се склучи колективен договор – документ за кој синдикатите со години преговараат. Затоа универзитетите иницирале формирање на синдикати во рамките на секој факултет и институт за да се потпише колективниот договор со кој ќе се реализира зголемувањето на платите.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, веднаш рече дека е разочаран од ставот на Најчевска за обидот на ректорите да се подобри материјалната состојба и статусот на вработените во високообразовните институции и додаде дека во моментот на сите јавни универзитети се формираат синдикати на ниво на работодавец, кои потоа ќе се здружат во повисока форма на организирање - синдикат на јавни универзитети во целата држава.

НАкС и СОНК на иста страна

Во период кога Македонија е пред парламентарни и ректорски избори, својот став го кажаа повеќе членови на синдикатите. На прашањето дали околу ова прашање може да се обединат НАкС и СОНК, Најчевска вели:
- Во врска со истражувањето на состојбите во високото образование, НАкС на 31 јануари ќе одржи панел. На панелот се поканети и од СОНК. Јас сум секогаш за соработка - вели Најчевска.

Јаким Неделков / Фото: МИА

И Јаким Неделков, претседател на СОНК, за Факултети.мк вели дека соработка може да има во интерес на вработените, ако има искрени и чесни намери од двете страни.
- Деновиве неколкупати се слушнавме со претседателката на НАкС и разговараме конструктивно околу настанатиот проблем - вели Неделков.
Во меѓувреме МОН се огласи со ставот дека ја почитуваат автономијата на високообразовните установи и слободата во работењето и управувањето.
- Министерството за образование и наука не смее и не дало насока како вработените на високообразовните установи синдикално да се организираат. Дали ќе формираат посебни синдикати на секој универзитет одделно за да потпишат колективен договор со истиот, дали ќе формираат единствен нов синдикат кој ќе потпише колективен договор со сите универзитети, или пак ќе се приклучат на НАКС и ќе го исполнат условот за репрезентативност според кој во синдикатот треба да членуваат најмалку 20% од вработените на секој државен универзитет, тоа е одлука на вработените во универзитетите - соопшти МОН.

Мира Беќар: Против кого сега да се бориме, против ректорите?

Членовите на академската заедница тврдат дека ова е популистичка мерка во овој период - политичките партии им фрлаат коски за да се зачленат во нов синдикат каде што ќе може да бидат политички манипулирани пред и по избори. Од НАкС се прашуваат зошто МОН ги прекина разговорите за нов колективен договор, кој тие му го доставиле на министерот Арбер Адеми пред неколку месеци. Во суштина, велат професорите, состојбата во високото образование не се темели на овие 10% повисоки плати, туку проблемите се многу покомплексни.

Мира Беќар / Фото: МИА

Проф. д-р Мира Беќар од Филолошкиот факултет и еден од потпретседателите на НАкС, вели дека загрижува секое систематско уништување на нешто што е добро.
- Борбата почна со професорскиот пленум и стана уште потешка за да се формира Независен академски синдикат. Нема да ја заборавам процедурата и оние 16 верзии што ни ги бараа од Централен регистар за да го формираме ова тело. Како е можно веќе да се нудат пристапници за нов синдикат, а ние не знаеме дали во Министерството за труд и социјална политика или во Централен регистар има регистриран синдикат. За што ќе потпишете пристапница? Ние за таа автономија долго зборуваме и навистина е погубно кога сфаќаме дека ректорите ни ја уништуваат. Против кого сега треба да се бориме за да ја сочуваме автономијата, која е основа за институцијата успешно да функционира? Ако се продадеме за 10%, да не им се смееме на пензионери што се продавале за 5 стотки. Кога ќе дојде време ние да одиме во пензија, ќе бараат за 3 стотки да се продадеме - вели Беќар.

Проф. д-р Горан Јанев, антрополог од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, смета дека е преседан во една држава работодавец да формира синдикат. Тој смета дека е неопходен дијалог меѓу вработените и работодавците, но срамно е на ваков начин да се урниса идејата за синдикално здружување во една држава.
- Да не ја споменуваме уцената од мизерните 10%. Имаме толку прашања од високото образование што мора да ги решаваме, а сега сме принудени со едностран чин да се продадеме - вели Јанев.

Горан Јанев: Бараме применување на законите

Тој додава дека основицата на минималната плата која им се пресметува не е 15.000 денари како што се прикажува официјално, туку околу 9.000 денари. Затоа НАкС во нацрт-колективниот договор понудил начин да се врзе законот за минимална плата со коефициентите според сложеност и оптоварување со кои се исплаќа работата на вработените, надоместокот за нивниот труд.

- Понуденото зголемување ни приближно не би нè порамнило со другите сектори во општеството. Платите во здравството и во судството отидоа далеку понапред. Со ова ние се врткаме околу просечната плата - вели Јанев.

Според него, овој однос кон високото образование, кое сите го третираат како некаква пазарна мерка што треба да се изрази во задоволство од поголеми и малку поголеми плати, укажува дека немаме грам свесност за тоа дека високото образование е единствениот сектор кој може да повлече едно општество напред.

Горан Јанев / Фото: МИА

- Годинава сведочевме за катастрофални бројки на интерес за упис на студии кои не се комерцијални – класични студии, македонски јазик итн. Популарни се факултети како ФИНКИ, ФЕИТ, кои нудат образование за кадри што можат веднаш да донесат пари. Сè друго е заборавено и оставено длабоко на маргините на општеството. Овој институт, како и многу други, нема добиено денар веќе не знам колку години. Во оваа земја не се решени милион и едно прашање. И тоа законски обврски! Ние бараме применување на законите. Дијалогот е побаран, мора да има, но дијалог нам не ни се дозволува. Ова е еднострано пристапување од позиција на моќ. Се надевам дека сите колеги имаат доволно свест и свесност да го одбијат овој предлог и соодветно да им изреагираат на своите работодавци - дециден е Јанев.

И проф. д-р Александар Иванов од Факултетот за безбедност во Скопје, при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, вели дека ова е директен упад во автономијата на универзитетот.
- Добро знаете дека Уставот предвидува право на синдикално организирање како едно од корпусот економски права, но исто така ја предвидува автономијата на универзитетот. Основата за постоење на синдикалното организирање е да биде противтежа на работодавецот. Сега сме во ситуација работодавецот сам да формира синдикат. Таа небулоза ретко каде може да се види. Овој обид за упад мора да биде спречен и дописите да бидат повлечени. МОН одговорно да преземе одговорност за ваквата постапка - вели Иванов.

Проф д-р Виктор Стефов од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје вели дека зголемувањето на платите е само дел од целиот мозаик.
- Ние прво баравме услови за работа, а потоа покачување на платите. Направивме обемна студија со вработувањата на факултетите. Очајно стоиме со млад кадар. Ако наеднаш се пензионира кадарот на 65 години, како што се замислуваше, факултетите ќе останат без предавачи. Тука е битката на НАкС - бараме легални услови за работа на факултетите. Да имаме елементарни услови за работа. Затоа многу, многу е чудно што се инсистира на формирање нов синдикат само за покачувањето до 10% - вели Стефов.