Одредена храна го чува срцето од кардиоваскуларни болести

Одредена храна го чува срцето од кардиоваскуларни болести

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Многу намирници се сметаат за сојузници на срцето бидејќи ги чистат артериите и го снижуваат лошиот холестерол

Срцето како најважен орган во нашето тело, но и мускул, во текот на денот отчукува околу 100.000 пати. За да може да го изведе тоа, а и за да биде здраво што е можно подолго, мораме да водиме сметка за неговата состојба, најпрвин со помош на исхраната и физичките активности. Експертите потсетуваат дека можеме да го намалиме ризикот од развој на кардиоваскуларни болести ако јадеме одредена храна секој ден. Таквата храна подразбира храна здрава за срцето, како што се оревите, рибата, интегралните житарици, маслиновото масло, зеленчукот и овошјето, но лекарите велат дека не треба да се плашиме повремено да се почестиме со чаша црно вино или парче црна чоколада.

Влакната го зајакнуваат срцето и го намалуваат холестеролот


Исхраната што има многу влакна е најдобра за нашето срце, но и за целиот организам. Овесните снегулки се здрав избор за почеток на денот. Содржат разградливи влакна кои помагаат за намалување на лошиот холестерол. Други добри извори се гравот и целите зрна како овесот.

Стеролите и станолите го регулираат нивото на холестеролот


Стеролите и станолите, хранливи материи што може да се најдат во одредени овошја, зеленчуци, оревите и семињата, поттикнуваат механизми за регулирање на нивото на холестеролот. Имено, овие материи имаат својство на спречување на апсорпцијата на холестеролот, антиканцерогено, противвоспалително и антиоксадитивно дејство, како и својство на превенција на атеросклерозата. Бадемите, кикиритките, маслиновото масло и прокељот се намирници кои најмногу содржат стероли и станоли. Исто така, ги има и во маргаринот, сокот од портокал и во јогуртот.

Срцето и лукот се сојузници

Кога храната ќе ја зачиниме со лук или кога ќе јадеме свеж лук, тогаш го штитиме срцето. Луѓето со векови го користеле лукот како лек, а студиите за него и неговите суплементи покажуваат дека може да влијае врз нашиот крвен притисок и нивото на холестеролот.

Витаминот Де е еден од најважните витамини бидејќи го чува срцето

Витаминот Де игра важна улога во одржувањето на здравјето на срцето, но многу малку намирници го содржат. Лососот и туната се некои од нив. Исто така, може да се најде и во млекото со поголема масленост. Витаминот Де не може да се апсорбира без сончева светлина. Со оглед на тоа дека го нема во многу намирници, потребно е да се проверува неговото ниво во организмот, а ако има недостиг, треба да се земаат таблети и да се следат препораки на лекарите.

Омега-3 масните киселини ги чистат артериите

Омега-3 масните киселини се заслужни за чистење на артериите. Исто така, тие се задолжени крвниот притисок да биде изедначен и го регулираат нивото на триглицеридите. Тоа се масти во крвта кои можат да го зголемат ризикот од срцеви заболувања. Одличен начин за обезбедување на оваа хранлива материја е барем двапати неделно да консумираме риба како лосос или скуша. Ако лекарот каже дека е потребно да се зголеми внесот на омега-3 масните киселини, во исхраната треба да вметнеме и рибино масло.

Зелениот чај го намалува ризикот од срцеви болести и мозочен удар


Консумирањето зелен чај го намалува ризикот од срцеви болести и мозочен удар. Истражувањата покажуваат дека соединенијата на овој чај наречени катехини, исто така, може да го намалат нивото на холестерол. Освен тоа, добар е за диетите поради согорувањето на мастите и калориите.



Ликопенот во доматот го чува срцето

Доматот можеме да го јадеме на повеќе начини - свеж, како сос, прилог или како сок. Студиите посочуваат дека ликопенот, супстанција која ја содржи доматот, го намалува ризикот од срцеви болести. Инаку, студиите покажуваат дека готвениот домат содржи повеќе корисни материи отколку свежиот.

Пектинот го намалува т.н. лош холестерол

Јаболката и јагодите содржат пектин. Тоа се вид растворливи влакна кои помагаат во намалувањето на лошиот холестерол. Пектинот во домаќинствата често се користи и како средство за згуснување во подготовката на џемови и желеа.

Калинката е моќен антиоксиданс

Калинката како моќен антиоксиданс може да помогне артериите да бидат чисти и на тој начин да го заштити вашето срце. Калинката содржи големо количество витамин Це, кој има и антиинфламаторни својства. Добро е да се консумира свежа или како сок.

Фолати против срцев удар

Супстанциите наречени фолати го намалуваат ризикот од срцеви заболувања и срцев удар, покажуваат истражувањата. Ги има во спанаќот, кељот, аспарагусот, гравот итн.

Извор: eklinika
Фотографии: Pixabay