Дарко Неданоски собори два рекорди во еден ден – најдлабоко спелео-нуркање во Крштална и искачување без јаже на Камена Баба – и тоа е документирано во филмот „Антипод“
Во пештерите, во планините, под водата - таму човекот е само гостин. Со овој подвиг сакам да кажам едно: не постојат невозможни нешта. Постојат само неиспробани. Животот е прекраток за да се живее по туѓи правила. Храброста не е да немаш страв - храброста е да тргнеш со него, вели Дарко Неданоски
Длабочина и височина. Еден здив. Една борба е носечката нитка на документарниот филм „Антипод“ на режисерот Бојан Секулоски. Документарец за човекот Дарко Неданоски, кој ги надмина своите граници, а воедно сруши два рекорда во еден ден - најдлабоко спелео-нуркање во Крштална и фри-соло искачување на Камена Баба. Станува збор за филм во кој тишината зборува повеќе од зборовите.
Дарко Неданоски е спелеолог, спасител и еден од најистакнатите истражувачи на подземниот свет во Македонија. Првиот влез во пештера го прави на 12 години и оттогаш целосно се посветува на спелеологијата како наука, дисциплина и животна филозофија. Учествувал на експедиции низ Европа, истражувал длабочини од над -1.200 метри, поминал повеќе од 160 часа под земја, поставувал рекорди и активно работи на развој и промоција на спелеолошката култура кај нас. За него, природата е дом, подземјето е предизвик, а границите постојат само за да бидат поместени.
Границите постојат само ако им дозволиме да постојат
Последно во низата предизвици е снимањето на филмот „Антипод“, кој опфаќа рушење на два рекорди.
- Филмот „Антипод“ е изработен од режисерот Бојан Секулоски и во продукција „Babot Media“, кои со својот визуелен пристап успеаја да ги доловат драматичноста, тишината и големината на двојниот подвиг - нуркањето во Крштална и фри-соло искачувањето на Камена Баба. Снимањето на „Антипод“ беше продолжение на мојата внатрешна потреба да создадам нешто поинакво, нешто што ќе биде повеќе од приказна, документ за човечката волја. Идејата се роди природно, по сите претходни подвизи, рекорди и истражувања. Сакавме да ги споиме висината и длабочината во еден ден, два рекорди, две крајности од истиот свет. Ист истражувач, две реалности. Филмот се снимаше во долги и напорни сесии, во средини што сами по себе се непредвидливи. Во пештерата, каде што водата може да се замати за една секунда и светот под тебе да исчезне. И на вертикалната карпа, каде што секое движење мора да е прецизно како здив - ни сподели Дарко.
Кинематограферот Бојан успеа да ги фати кадрите затоа што и тој беше дел од предизвикот. Не беше само снимател, беше соучесник, сведок на нешто што се случува само еднаш.
- Во истиот ден го соборив рекордот на најдлабоко спелео-нуркање во Крштална и рекордот во фри-соло искачување - искачив еден метар повисоко и нурнав еден метар подлабоко од сите пред мене. Тоа не беше само статистика или бројка. Тоа беше победа над себе. Момент кога почувствував дека границите постојат само ако им дозволиме да постојат. Кога ја постигнав целта, немаше еуфорија како во филмовите. Имаше тивко, длабоко чувство дека всушност победив нешто внатре во себе - истакнува Дарко.
Ни сподели дека подготовката за овој импресивен предизвик била долга и слоевита, секако, и ментално и физички.
- Мораше да бидам технички прецизен во нуркање, совршен во манипулација со јаже и опрема, и истовремено да го тренирам телото за слободно искачување без осигурување. Но најголемиот тренинг беше менталниот. Секој ден учев по нешто: како да бидам смирен во места каде што нема простор за паника. Како да го слушам срцето, но да одлучува умот. Си давам наредба и ја спроведувам без компромис. Тоа е мојот систем. Нуркањето во Крштална е влез во друг свет. Во длабочините владее тишина што те јаде. Таму немаш право на грешка, водата може да се замати, патот назад да исчезне. Тогаш останувате само ти и твојот ум. Научив да дишам бавно, да не брзам, да бидам тука, во моментот. А Камена Баба беше спротивност - воздух, висина, камен. Фри-соло без јаже е психолошки дуел. Секој потег е одлука. Секоја секунда е чекор кон слобода или кон пад. Тоа беше најчистиот момент на присутност што сум го почувствувал - детално ни објаснува Дарко.
Стравот не е непријател, туку учител
Ваквите подвизи нѐ вадат од точката на живеење, отклучуваат многу поинакви перспективи, поместуваат внатрешни лифтови... Откриваат моменти за нас за кои не сме биле свесни, подвлекуваат нови животни лекции.
- Научив дека стравот не е непријател, туку учител. Сфатив дека најголемата битка не е со пештерата, ниту со карпата, туку со сопствениот ум. И дека човечките можности се многу пошироки од она што секојдневно си го поставуваме како граница. Јас не победив рекорд. Јас се победив себеси - вели Дарко.
За Дарко, природата е дом. Таму нема маски, нема лаги. Таа е најстрогиот, но и најправедниот учител.
- Во пештерите, во планините, под водата - таму човекот е само гостин. Со овој подвиг сакам да кажам едно: не постојат невозможни нешта. Постојат само неиспробани.
Животот е прекраток за да се живее по туѓи правила. Храброста не е да немаш страв - храброста е да тргнеш со него - подвлекува Дарко.
Тој веќе размислува за следниот предизвик и вели дека секогаш е настроен кон нови поместувања на сопствените лимити.
- Нема последен рекорд, нема крај. Непознатото ме влече, а Македонија има уште многу подземни и надземни тајни што чекаат да бидат откриени. Нов свет, нов чекор, нова длабочина. Предизвикот веќе постои - само треба да го стигнам - одлучен е тој.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.