Филмови номинирани за „Оскар“ што можете да ги гледате на „Нетфликс“

Филмови номинирани за „Оскар“ што можете да ги гледате на „Нетфликс“

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Доделувањето на „Оскарите“ секогаш е еден од највозбудливите филмски настани во годината, а „Нетфликс“ уште еднаш ја потврди својата моќ во филмската индустрија со импресивен број номинации за престижните признанија.

Љубителите на филмот конечно ја дочекаа листата со остварувања што годинава заслужија номинација за „Оскар“. Кината веќе прикажаа голем број филмови што се во трката за најпрестижната награда, а не е изненадување што дел од тие наслови се достапни и на „Нетфликс“.

„Франкенштајн“

 

Филмот „Франкенштајн“ на режисерот Гиљермо дел Торо ја следи приказната за Виктор Франкенштајн, млад научник опседнат со границите меѓу животот и смртта, кој по смртта на мајка му сè подлабоко навлегува во научни експерименти.

Овој впечатлив филм освои дури девет номинации, меѓу кои:

Најдобар филм
Најдобар актер во споредна улога
Најдобро адаптирано сценарио
Најдобра фотографија
Најдобра сценографија
Најдобра филмска музика
Најдобар звук
Шминка и фризура
Костимографија

„Соништа за возови“

 

Четири номинации доби и филмот „Соништа за возови“, кој веќе неколку недели се наоѓа на листата со најгледани филмови на „Нетфликс“.

Самиот наслов сугерира дека станува збор за остварување што поттикнува размислување и буди силни емоции. Приказната носи длабоко трогателна животна судбина, поради што филмот треба да се гледа со отворен ум и отворено срце. Многумина што веќе го гледале велат дека станува збор за дело што се вгнездува во потсвеста и долго останува во сеќавањето.

Филмот е номиниран во следните категории:

Најдобар филм
Најдобро адаптирано сценарио
Најдобра фотографија
Најдобра оригинална песна

„Совршениот сосед“


 

Документарниот филм „Совршениот сосед“ е возбудлив филм кој ја следи шокантната приказна за навидум љубезна и примерна сосетка која со години криела мрачни тајни.

Преку интервјуа со жртви, експерти и истражители, филмот открива како една жена водела двоен живот, извршувајќи незамисливи дела, додека во соседството важела за угледна граѓанка.

Доколку сте љубител на вистинити и напнати приказни, овој документарец е одличен избор за мирно попладне, доволно интригантен и емотивен, без експлицитни сцени што би ја нарушиле атмосферата.

Филмот е номиниран во категоријата најдобар документарен филм.

„Kеј-поп: Ловци на демони“


 

Иако овој филм можеби нема да им се допадне на сите, „Kеј-поп: Ловци на демони“ сепак заслужува внимание од неколку причини.

Оваа необична фузија на анимирана фантастика и кеј-поп култура носи свежа и оригинална приказна што отстапува од вообичаените филмски шаблони. Филмот следи група млади кеј-поп идоли кои откриваат мрачна тајна зад блескавите сцени и светлата, а нивната борба за опстанок се претвора во спектакуларна мешавина од акција, кореографии и музика.

Визуелните ефекти и продукциската вредност се импресивни, а музичката подлога комбинира заразни кеј-поп ритми со потемна, готска атмосфера.

Очекувано, филмот е номиниран за најдобра оригинална песна, и тоа за песната „Golden“.

Извор: Tportal.hr
Фото: Screenshot/YouTube