Колку платен одмор нудат земјите во Европа, а колку Македонија?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Европа е препознатлива по своите политики за рамнотежа меѓу работата и приватниот живот, а платениот одмор е еден од клучните столбови на тој модел. Вработените низ Европа имаат законско право на комбинација од платен годишен одмор и платени државни празници, при што вкупниот број значително варира од земја до земја.
Оваа мапа го прикажува минималниот вкупен број платени слободни денови во Европа во 2025 година, комбинирајќи годишен одмор и државни празници.
Земјите како Франција, Луксембург, Малта и Русија обезбедуваат повеќе од 40 дена вкупен платен одмор.
Регионалниот просек изнесува 33 дена, а многу земји се блиску до ова ниво. Земји како Чешка, Унгарија, Хрватска, Словенија и Белорусија нудат помеѓу 32 и 34 дена платен одмор годишно.

Фото: Visual Capitalist
На долниот крај на скалата, Сан Марино нуди најмалку платени слободни денови, само 10, по него следуваат Џерси, Молдавија и Црна Гора, сите значително под европскиот просек. Во меѓувреме, земји како Германија, Белгија и Ирска се наоѓаат блиску до средината, нудејќи околу 30 дена вкупен платен одмор, што сепак е повеќе отколку во многу неевропски економии.
Колку платени слободни денови имаме во Македонија?
Според податоците преземени од „Ворлд попјулејшн ривју“, во нашата земја работниците имаат 32 дена минимален платен одмор.
Овој број вклучува комбинацијата од платен годишен одмор и државни празници и ја става Македонија многу блиску до европскиот просек од 33 дена. Со тоа, земјата се наоѓа во групата држави што нудат меѓу 32 и 34 дена платен одмор годишно, заедно со Чешка, Унгарија, Хрватска и Словенија.
Минималниот платен годишен одмор во Македонија изнесува 20 работни дена, на кои се додаваат државните и верските празници, со што вкупниот број на платени слободни денови достигнува 32 на годишно ниво.
Извор:
Visual Capitalist
Фото: Visual Capitalist