НАСА се враќа на Месечината, а вашето име може да патува со мисијата „Артемис II“

НАСА се враќа на Месечината, а вашето име може да патува со мисијата „Артемис II“

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Човештвото отсекогаш со восхит гледало кон Месечината како симбол на недостижното, таинственото и моќното. По децении тишина, време е приказната да продолжи. Не во научнофантастичен роман, туку во реалноста на 21 век. Вселенската трка повеќе не е само дел од историјата, туку станува глобален проект на истражување, иновации и храбри соништа.

Повеќе од 50 години НАСА се подготвува за историска мисија по последниот човечки лет околу Месечината. Но, овој пат не станува збор само за повторување на мисијата „Аполо“, туку за почеток на нешто многу поголемо: враќање на луѓето во длабоката вселена, воспоставување постојано присуство на Месечината и подготовки за иднина во која Марс е следната дестинација. А она што е особено фасцинантно е што и вие можете да бидете дел од оваа мисија.

НАСА порачува: „Се враќаме на Месечината“


На социјалната мрежа „Х“ НАСА објави дека мисијата „Артемис II“, првиот лет со човечки екипаж во рамките на програмата „Артемис“, би можела да полета уште во февруари 2026 година. Поточно, прозорецот за лансирање се отвора на 6 февруари. Ова ќе биде првпат од 1972 година човечки екипаж да ја обиколи Месечината, но и прва мисија што ќе ги тестира клучните технологии за идните летови во длабоката вселена.

Во вселенското летало „Орион“, кое во орбитата ќе го понесе најмоќната ракета некогаш направена, Ес-ел-ес (Систем за вселенско лансирање), ќе се наоѓаат четири астронаути: Реид Вајсман - командир на мисијата, Виктор Гловер - пилот, Кристина Кох - специјалистка на мисијата, Џереми Хансен - астронаут на Канадската вселенска агенција.


Патувањето ќе трае околу 10 дена. Првиот дел од мисијата екипажот ќе го помине во Земјината орбита, каде што рачно ќе ги тестира системите на „Орион“. Потоа следува клучниот момент - транслунарната инјекција, маневар што ќе ги однесе повеќе од 4.600 километри зад Месечината, во познатата орбита во форма на бројката осум. Тоа ќе биде најоддалечената точка од Земјата до која некогаш стигнал човечки екипаж.

Што ќе се тестира за време на мисијата?

„Артемис II“ не е само „обиколка на Месечината“. Таа претставува пресуден чекор кон трајно човечко присуство во длабоката вселена. За време на мисијата астронаутите ќе извршуваат тестирање на леталото „Орион“ во реални услови, вклучително и рачно управување, собирање податоци за вселенското зрачење и здравјето на екипажот, како и проверки на комуникациските системи во длабоката вселена.

На бродот ќе има и научни инструменти и експерименти што ќе им помогнат на научниците подобро да разберат како долготрајната изложеност на вселенската средина влијае врз човечкиот организам, со една цел - подготовка за идните мисии кон Марс.

Враќање на Земјата и она што следува

По завршувањето на обиколката околу Месечината, „Орион“ ќе тргне кон Земјата и ќе влезе во атмосферата со голема брзина, што се смета за еден од најризичните делови на секоја вселенска мисија. Леталото ќе слета во Тихиот Океан, во близина на брегот на Сан Диего, каде што ќе го преземе заеднички тим на НАСА и Министерството за одбрана на САД.

Како можете да ја следите мисијата и да учествувате?

НАСА ќе ја пренесува целата мисија во живо преку својата нова платформа НАСА+. Гледачите ќе можат да ги следат лансирањето, комуникацијата со астронаутите, нивните први впечатоци и научните експерименти.

 НАСА овозможи и да го испратите вашето име во вселената, во форма на дигитален потпис на СД-картичка што ќе патува во капсулата „Орион“. Бесплатно, брзо и целосно официјално. Илјадници луѓе веќе се пријавиле за да ја остават својата „трага“ во вселената.

Ако како дете сте гледале во небото и сте замислувале дека сте астронаут, сега имате можност да бидете дел од овој голем момент. Вашето име може да лета со мисијата „Артемис II“, без разлика каде се наоѓате. Пријавете се преку официјалната страница на НАСА (испратете го вашето име).

Мисијата „Артемис II“ е многу повеќе од лет околу Месечината. Таа е симбол на напредокот, храброста и меѓународната соработка. Во време кога ѕвездите се реална дестинација, едно е јасно: иднината на човештвото се пишува во вселената. А оваа година сите сме поканети да бидеме дел од неа, макар и со нашето име.

Извор: Nova.rs
Фото: NASA