Срцето на луѓето сепак се обновува по инфаркт, покажува истражување

Срцето на луѓето сепак се обновува по инфаркт, покажува истражување

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

И покрај неговата клучна улога, срцето е едно од ретките ткива во човечкото тело што не може добро да ја поправи штетата. Барем така се сметаше долго време. Научници од Австралија сега забележале дека мускулните клетки на срцето кај луѓето навистина се обновуваат по срцев удар.

Кога нешто го попречува протокот на крв, недостигот на кислород ги убива клетките на срцето. Органот може да се „закрпи“ со ткиво со лузни, но тоа не е еластично, што го прави срцето помалку ефикасно. Овие неправилности со текот на времето можат да доведат до нови срцеви удари и срцева слабост.

Се чини дека глувците имаат повеќе среќа. Нивните срца можат барем делумно да се обновуваат. Кај нив било забележано дека кардиомиоцитите (мускулните клетки на срцето) повторно се делат по срцев удар, но човечките срцеви клетки не се ни приближно толку „живи“ по повреда.

- Нашето истражување покажува дека иако срцето останува со лузни по срцев удар, тоа создава нови мускулни клетки, што отвора нови можности - вели Роберт Хјум, прв автор на истражувањето и кардиолог на Универзитетот во Сиднеј.

- Иако ова ново откритие за повторниот раст на мускулните клетки е возбудливо, тоа не е доволно за да се спречат тешките последици од срцев удар. Затоа, со текот на времето, се надеваме дека ќе развиеме терапии кои ќе ја засилат природната способност на срцето да создава нови клетки и да се обновува по удар - додава тој.

Претходни истражувања, кои ги следеле пациентите по операции на срцето, навестувале дека мускулните клетки на срцето имаат потенцијал да се обновуваат по повреда.

Во ова ново истражување Хјум и неговите колеги испитувале цело срце од донор чиј мозок бил прогласен за мртов, како и примероци земени од пациенти за време на бајпас-операции.

Тимот ја секвенционирал РНК и детално ги проучувал протеините и метаболизмот на ткивото.
Научниците се надеваат дека овие наоди би можеле да доведат до нови регенеративни терапии, кои еден ден би можеле да ни овозможат да се справиме со водечката причина за смртност во светот.

Извор: ScienceAlert
Фото: Freepik