Како изгледа зградата каде што секој стан е кафуле

Како изгледа зградата каде што секој стан е кафуле

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во виетнамскиот град Хо Ши Мин се наоѓа една од најнеобичните згради во Азија, која сигурно би ја додале на вашата листа со места што би сакале да ги посетите. „Кафе апартментс“ на прв поглед изгледа како малку запуштена станбена зграда, но нејзините шарени балкони откриваат што се крие зад фасадата. Секој стан е трансформиран во кафуле.

Зграда каде што секој кат е нова „кафе-приказна“

„Кафе апартментс“ се наоѓа во центарот на Хо Ши Мин, а на секој од неговите девет ката има по две, три, а на некои и повеќе кафулиња, како и бутици или креативни студија. Ги има толку многу, што невозможно е да ги посетите сите за еден ден.

Она што ја прави целата приказна уште поспецијална е фактот што секој простор има свој идентитет: од минималистички ентериери со многу бетон и растенија до ретро салони со мебел што потсетува на Сајгон во 60-тите. Понудата во кафулињата е разновидна како и естетиката, па можете да најдете сè, од кафулиња посветени на специјално кафе или мача до места посветени на домашни колачи. 


Контрастот како заштитен знак

Драматичниот контраст помеѓу екстериерот и ентериерот ја прави посетата на „Кафе апартментс“ многу фотогенично искуство. Зградата, изградена во средината на 20 век, го задржала својот малку дотраен изглед со истрошена боја на фасадата и тесни ходници што создаваат впечаток дека сте стапнале во друго време.

Но, секојпат кога ќе ја отворите вратата на нов стан, влегувате во сосема поинаков свет. Нови, шарени, внимателно дизајнирани простори со модерно осветлување и детали што создаваат топла атмосфера, а се и исклучително фотогенични. Овој судир на минатото и сегашноста му дава на целото искуство посебна динамика - истовремено сте во модерен креативен центар и на спонтано патување низ историјата на стариот Сајгон.

Сличен контраст е скриен и во самата атмосфера. Додека градот врие од енергија, „Кафе апартментс“ нуди нешто поинакво: побавно темпо, мистика и чувство на откривање. Ова место претставува културен феномен и симбол на трансформацијата на градот Хо Ши Мин, град кој не го брише своето минато, туку напротив, гради врз него. Креативна вертикална населба во мало, каде што се среќаваат мештаните, дигиталните номади и туристите.

Извор: telegram.hr

Фото: Instagram screenshot