Младите денес не сакаат да танцуваат во дискотеките, туку да снимаат и споделуваат со телефоните
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Електронската музика и излегувањето во клубови се соочуваат со длабоки промени. По пандемијата, младите се вратија на излегувањата, но сè повеќе стануваат пасивни набљудувачи на ноќниот живот преку телефони, а избегнуваат физички контакт на подиумите за танцување.
Поголемите простори, поскапите влезници и импресивните визуелни ефекти го претвораат искуството на танцувањето во спектакл, а социјалните мрежи дополнително го обликуваат однесувањето на публиката.
Генерацијата која порасна со „Тик-ток“ често повеќе снима и споделува отколку што учествува, што го менува ритамот на забавите.
Хаштагот #electronicmusic имал 13,4 милијарди прегледи во 2024 година, што покажува колку културата на гледање преовладува над танцот.
Индустријата на електронската музика сè уште расте, а нејзината вредност во 2024 беше проценета на 12,9 милијарди долари. Клубовите се обидуваат да ја одржат заработката преку скапи визуелни ефекти, додека истовремено ги скратуваат диџеј-сетовите за да го задржат вниманието на публиката.
Многу млади денес помалку консумираат алкохол, поретко излегуваат и имаат помалку секс од претходните генерации, што создава дополнителен притисок врз трансформацијата на индустријата на клубовите. Исто така, пандемијата ги затвори помалите и средни клубови, особено во Европа.
Во Берлин, престолнината на европската забава, на околу половина од 250 клуба им се заканува затворање поради високите трошоци за живот и силната конкуренција. Култните клубови, како „Бергхајн“, опстојуваат, но сцената значително се промени.
Индустријата бара нови начини за да ги привлече младите. Една од стратегиите е забрана на користење телефони и камери во клубовите, со цел посетителите да се поврзат и повторно да ја почувствуваат автентичната енергија на танцувањето.
Друга стратегија е ширење на огромни клубови со ласери и пиротехнички ефекти за илјадници посетители, како што веќе се применува на Ибица, во Бангкок и Лас Вегас.
Оваа експанзија им помага на сопствениците да ја задржат профитабилноста, но трошокот е огромен, а билетите стануваат недостапни за голем број луѓе.
Извор:
Euronews.rs
Фото: Freepik