Гувернерот на Минесота потпиша закон за обезбедување бесплатни оброци за учениците

Гувернерот на Минесота потпиша закон за обезбедување бесплатни оброци за учениците

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Се проценува дека речиси 9 милиони американски деца живеат во домови каде што не се загарантирани три оброци на ден. Гладот може да го отежне учењето, а несигурноста за тоа дали ученикот ќе има храна е важен проблем со кој се справуваат неколку американски држави. Меѓу нив е и Минесота. Меѓутоа, гувернерот Тим Валц неодамна направи голем чекор и го потпиша предлог-законот со кој гарантира бесплатни оброци за секој ученик во државата.

Новиот универзален закон за бесплатен оброк значи дека Минесота ќе им се придружи на Колорадо, Калифорнија и Мејн во обезбедувањето бесплатни појадок и ручек за сите ученици, без оглед на приходот.


Во својот втор мандат, гувернерот Валц вети дека ќе ѝ стави крај на детската сиромаштија во државата. Потпишувањето на предлог-законот е чекор поблиску до оваа цел.

- Ова е историска победа што значи дека ниту едно дете нема да биде гладно на училиште - изјави тој.

Законот гарантира дека секој ученик во Минесота ќе добие бесплатни појадок и ручек. Промената ќе стапи во сила во септември, на почетокот на следната учебна година. Додека повеќето училишта во Минесота добиваат федерални средства од Националната програма за ручек во училиштата, тоа не е доволно за да се покријат трошоците за целиот оброк на ученикот. Новиот закон ќе ја надополни разликата, а училиштата повеќе нема да можат да им наплаќаат на учениците. Ова ќе ја чини државата околу 200 милиони долари годишно.

Гувернерот Валц, кој е пензиониран наставник, од прва рака го видел влијанието што несигурноста за храна го има врз учениците и врз нивната способност за учење. Токму затоа му било важно да има некаква промена.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Instagram