Криминалците користат интернет од „Старлинк“  за нелегално рударење во Бразил

Криминалците користат интернет од „Старлинк“ за нелегално рударење во Бразил

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Кога Илон Маск лансира сателитски интернет пред три години со помош на инфраструктурата на „Старлинк Спејс екс“, идејата му беше да ги поврзе луѓето и бизнисите низ светот, особено во оддалечените области.

Во Бразил, интернет-терминалите на „Старлинк“ го направија токму ова. Но, според истрагата на „Асошиејтед прес“, некои од тие терминали помагаат во илегалните рударски операции во делови на Бразил, каде што таквите активности ги контаминираат водните патишта и предизвикуваат ширење на болести и глад.

Во изминатите пет недели седум терминали на „Старлинк“ се пронајдени и запленети на илегални рударски локации во регионот Јаномами, најголемиот домороден регион во Бразил.

Интернетот
на „Старлинк“ има подобра конекција и помала опрема

Пред „Старлинк“, криминалците се потпираа на тешки, стационирани антени и интернет-врската честопати беше несигурна. Кога ја менувале локацијата и бегале од полицијата, често ја оставале интернет-опремата зад себе.

Ископување злато


Сега тие ги користат терминалите „Старлинк“ за планирање, логистика, плаќање, па дури и предвидување каде и кога може да се случи рација.

Бразил првпат доби пристап до „Старлинк“ минатата година. Во тоа време Илон Маск на неговиот твитер-профил напиша дека е возбуден што ќе поврзе 19.000 училишта во руралните области на Бразил.

Како што „Старлинк“ станува пораспространет, може да се очекуваат повеќе случаи на злоупотреба. Минатата година услугата се прошири на сите седум континенти. До крајот на 2022 година бројот на корисници вртоглаво се искачи на над 1 милион низ светот.

Извор: Benchmark.rs
Фото: Wikipedia