Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за лицата осудени за непочитување на ковид-мерките

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за лицата осудени за непочитување на ковид-мерките

Претседателот Стево Пендаровски денеска го потпиша Указот на усвоениот Закон за амнестија со кој се предвидува лицата осудени за кривичните дела од член 205 „пренесување заразна болест“ и член 206 непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ од Кривичниот законик, за време на пандемијата на ковид-19, паричната казна или казна затвор да им се замени со алтернативна мерка условна осуда, информираат од неговиот кабинет.

Согласно овој закон, лицата чија парична казна изнесува над 1.000 евра или изречената казна им е заменета со казна затвор, ќе добијат условна осуда од три години, додека оние лица чија парична казна изнесува до 1.000 евра или изречената казна им е заменета со казна затвор ќе добијат условна осуда од две години, рок во кој не смеат да сторат ново кривично дело.

По три, односно две години условна осуда ќе добијат и лицата што отплатиле дел од паричната казна над 1.000 и до 1.000 евра, со што се ослободуваат од плаќањето на останатиот дел од паричната казна, доколку не сторат ново кривично дело.

-Во периодот од 1 јануари 2020 година до 30 јуни 2022 година се осудени 1.223 лица на парична казна од по 123.000 денари. Согласно законските прописи доколку во рок од 2 години изречените парични казни не се намират, судијата за извршување на санкции со решение ги заменува со казна затвор. Заради неплаќање на паричната казна Основниот кривичен суд има донесено заменски решенија со кои спрема 280 лица паричната казна е заменета со казна затвор.

По истите овие решенија издадени се 205 упатни акти за издржување на казна затвор, соопштуваат од кабинетот на шефот на државата.

Извор: МИА