ФК „Ливерпул“ го користи системот „Тактик АИ“ при одлучување како да изведе корнер

ФК „Ливерпул“ го користи системот „Тактик АИ“ при одлучување како да изведе корнер

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Сите светски агенции пренесуваат дека фудбалскиот клуб „Ливерпул“ го избрал поранешниот технички директор на „Борнмаут“, Ричард Хјуз, за нов спортски директор и дека продолжува потрагата по наследник на Јирген Клоп, а и по нови засилувања. Но, се чини дека на „Енфилд“ веќе пристигна првото големо засилување во вид на вештачка интелигенција.

Научното списание „Комуникации во природата“ штотуку им го претстави на своите страници системот за вештачка интелигенција „Тактик АИ“. Овој систем може да го предвиди исходот од ударите од корнер и да дава реални и точни тактички предлози на фудбалските натпревари, што го воодушевило стручниот штаб на „Ливерпул“.

Експертите на „Ливерпул“ во дури 90 отсто од случаите ги претпочитаат стратегиите предложени од „Тактик АИ“, пишуваат во списанието. Покрај тоа, оваа алатка би можела да ја постави основата за следната генерација асистенти со вештачка интелигенција, која ќе им помогне на тренерите да ги одредат оптималните поставки за играње на играчите и да развијат тактики што ќе ги зголемат шансите за победа на натпреварот.

Геометриски пристап

Во фудбалот ударите од аголот се важни бидејќи нудат непосредна можност за постигнување гол и на тренерите им нудат најдиректни можности за интервенција и подобрување. Во практика, рутините за удар од аголот се одредуваат пред секој натпревар, така што систем кој помага во анализата и зголемувањето на шансите за постигнување гол би бил многу корисен.

„Тактик Аи“, помошник-тренер со вештачка интелигенција за анализа на удари од агол со висококвалитетни податоци за следење, е дизајниран од тимот на „Гугл дипмајнд“, со седиште во Лондон. Се користи геометриски пристап за длабоко учење за да се идентификуваат клучните стратешки обрасци, за производство на предвидливи и генеративни исходи.

Со негова помош „Тактик АИ“ може точно да го предвиди првиот примател на топката по удар од аголот и директниот резултат од ударот. Системот, исто така, може да ги процени можните исходи со алтернативни поставки на играчи и да генерира тактички варијации, кои ги подобруваат исходите од натпреварите.

Тестирање во Премиер лигата

„Тактик АИ“ е трениран и тестиран со користење база на податоци од 7.176 удари од агол од минатите сезони во Премиер лигата, обезбедени од ФК „Ливерпул“. Тактичките поставки генерирани од „Тактик АИ“ се покажале како реални и не се разликуваат од сценаријата од реалниот свет, барем така процениле пет фудбалски експерти: тројца научници за податоци, видеоаналитичар и помошник-тренер од фудбалскиот клуб „Ливерпул“. Всушност, стратегиите предложени од „Тактик АИ“ биле претпочитани во дури 90 отсто од случаите.

Авторите посочуваат дека методот би можел да се примени и на други елементи од играта, како што се уфрлања од аут или од крило, но и на други тимски спортови каде што играта продолжува по прекин.

Извор: Bug.hr

Фото: Freepik