Европските авиокомпании предупредуваат: Резервирајте си карта навреме, наскоро ќе ги поскапиме

Европските авиокомпании предупредуваат: Резервирајте си карта навреме, наскоро ќе ги поскапиме

Подготвил: Билјана Спиркоска

Лектор: Ивана Кузманоска

Растот на цените на горивата предизвикан од судирите на Блискиот Исток веќе ги притиска воздухопловните компании, кои предупредуваат дека дополнителните трошоци ќе мора да ги префрлат на патниците.

Најголемите европски авиокомпании предупредија дека растот на цените на горивата, поттикнат од војната на Блискиот Исток, неизбежно ќе доведе до поскапување на авионските карти и ги посоветуваа патниците што поскоро да си ги направат резервациите.

Иако превозниците делумно ги заштитија цените на керозинот, челниците во индустријата истакнуваат дека долгорочно нема да можат да го избегнат префрлањето на дополнителните трошоци врз грбот на патниците.

Извршниот директор на „Изи џет“, Кентон Џарвис, порача дека засега нема проблеми со набавката на гориво, но предупреди дека цените на картите би можеле да се зголемат со истекувањето на заштитните договори. На патниците им порачува што порано да си купат карти.

Слична порака испрати и челникот на „Рајанер“, Мајкл О'Лири, кој засега го намалува значењето на краткорочните нарушувања, но предупредува дека долгорочен раст на цените на горивата, ако потрае шест месеци, би можел сериозно да го погоди секторот.

Според податоците на ИАТА, цената на керозинот пред десетина дена беше 94 % повисока од годишниот просек, додека цените на сировата нафта дополнително пораснаа поради ескалацијата на судирите.

Сепак, кризата би можела да донесе и одредени можности. Европските превозници се обидуваат повторно да ја зајакнат својата глобална позиција откако последните години изгубија дел од пазарот во корист на превозниците од Персискиот Залив.

„Луфтханза“ додаде 40 лета кон Азија за да компензира за укинатите летови поради судирите, додека „Ер Франс“ ги зголемува капацитетите на азиските и африканските маршрути, поттикната од силната побарувачка.

„Бритиш ервејс“ најави нови директни летови за Мелбурн, со проширување на линиите преку Куала Лумпур, и зголемување на бројот на летовите кон дестинации како Карибите, кои го избегнуваат воздушниот простор на Блискиот Исток.

Од друга страна, туризмот во Европа би можел да претрпи удар. Консултантската куќа „Оскфорд економикс“ предупредува дека се загрозени речиси 28 милиони патувања од Блискиот Исток, при што најпогодени се Турција, Франција и Обединетото Кралство. Истовремено, медитеранските дестинации како Шпанија, Португалија и Грција би можеле да профитираат како алтернативен избор за патниците кои инаку би оделе кон земјите од Заливот.

Авиокоманиите ги повикаа европските лидери да ги намалат зелените даноци, предупредувајќи дека европските превозници ја губат конкурентноста во однос на ривалите надвор од ЕУ, кои немаат исти регулаторни обврски.

Извор: Forbes
Фото: Freepik