Кои телефони најмногу се купуваат во светот - еден модел неочекувано доминира во Јапонија

Кои телефони најмногу се купуваат во светот - еден модел неочекувано доминира во Јапонија

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Светскиот пазар на паметни телефони сè уште цврсто го држат „Епл“ и „Самсунг“, но разликите меѓу регионите стануваат сè поизразени, покажува најновиот извештај од „Каунтерпоинт рисрч“. 

Во Северна Америка и во Европа „Епл“ доминира со дури четири места на Топ-5 листата со најпродавани модели, додека во Кина и остатокот од Азија практично го зазема врвот. Тоа јасно покажува колку е силен „иОС“ системот на развиените и технолошки напредни пазари.

Јапонија го турка „ајфон 16e“ на врвот на глобалната продажба

Најинтересниот детаљ доаѓа од Азија, каде што „ајфон 16e“ стана вистински хит, првенствено благодарение на Јапонија, каде што бележи огромна продажба. Според податоците, повеќе од една третина од вкупната глобална продажба на овој модел доаѓа од Јапонија, што практично го претвора во локален феномен.

Од друга страна, „Самсунг“ ја одржува својата позиција преку прифатливи модели како „галакси A16“ и „галакси A15“, кои доминираат во региони чувствителни на цени, како Латинска Америка и Африка. На тие пазари 4Г-уредите сè уште играат голема улога, што покажува дека цената има одлучувачко влијание врз изборот на клиентите.

Европа се издвојува како специфичен пазар каде што постои рамнотежа: покрај буџетските модели, постојат и водечки уреди, како што е „галакси С25“, кои се пробиваат меѓу најпродаваните.

И покрај фактот дека светскиот пазар изгледа стабилен, регионалните разлики се клучни. Додека развиените пазари ги фаворизираат премиум уредите, остатокот од светот сè уште ја избира прифатливата цена, а Јапонија покажува колку може да биде доминантен еден модел кога се совпаѓа со навиките и потребите на локалните корисници.

Извор: benchmark.rs

Фото: Freepik/Counter Point Research screenshot