ЗОО Скопје цела година ќе го одбележува јубилејот: „Во 1926 година биологот Станко Караман ја замислил зоолошката како место каде што ќе се развива почит кон живиот свет“
Во октомври 1926 година биологот и научник Станко Караман ја основа Зоолошката градина Скопје во рамките на Градскиот парк. Неговата визија била современа за тоа време – ЗОО Скопје да стане простор за едукација, научен пристап и хуман однос кон животните. Тој ја замислил како училиште на отворено, односно место каде што децата заедно со возрасните ќе учат како да ја почитуваат природата.
- Визијата на големиот научник и биолог Станко Караман, како основач на Зоолошката градина, денеска ја живееме во современ контекст. Во 1926 година Караман ја замислил зоолошката како простор за едукација и развивање почит и емпатија кон природата и живиот свет, а не како место за изложување животни. Таа основна идеја и денес е темел на нашето работење и сѐ повеќе сме насочени кон благосостојба на животните, едукација на посетителите и соработка со други институции за подигнување на јавната свест и заштита на биодиверзитетот. Секако, условите, стандардите и знаењата денес се поинакви од оние од пред еден век, но суштината останува иста, ЗОО Скопје да е место каде што човекот ќе учи да оддаде почит кон природата - истакнаа од ЗОО за „Факултети.мк“.
Станко Караман дошол во Македонија во 1924 година, работејќи на ихтиофауната и објавувајќи ја својата студија „Pisces Macedoniae“. Објавил повеќе од 120 научни труда во кои ја обработил таксономијата на рибите, птиците, влекачите и на многу групи од раковидните организми. Најголемиот број од новоопишаните видови и подвидови го носат името Македонија, реката Вардар и големите планински масиви во Македонија. Опишал повеќе од 60 вида и подвидови. Основач е и на музејските списанија „Acta“ и „Fragmenta balkanica“.
Во моментов ЗОО Скопје располага со 85 вида, а околу 500 животни. Оваа година е планирано да се донесат нови животни, но тоа ќе се прави согласно највисоките стандарди за благосостојба, ветеринарна грижа и просторни услови.
- Проширувањето на колекцијата на животни не треба да се случува спонтано, туку врз основа на строга процена: дали имаме адекватен простор, соодветни услови за живеење и социјализација на видот, како и гаранција за нивна најдобра здравствена грижа и благосостојба. Секое ново носење на животни ќе биде со јасна цел - поддршка на биодиверзитетот и учество во европски програми за зачувување на видовите - велат од ЗОО Скопје.
Во 2026 година ЗОО Скопје продолжува со подобрување во три клучни области: подобрување на грижата за животните, подобрување на инфраструктурата и доедукација на вработените.
- Ова е дел од нашата долгорочна визија за унапредување на стандардите и усогласување со визијата на ЕАЗА (Европска асоцијација на зоолошки и аквариуми). Работиме на модернизација и унапредување на живеалиштата, со посебен фокус на природни и стимулативни средини, развој на едукативни зони за посетители, како и подобрување на сервисната инфраструктура со цел поефикасен работен процес. Градот Скопје и градоначалникот Ѓорѓиевски целосно ја поддржуваат визијата на нашата установа, а преку нивната поддршка Зоолошката градина - Скопје ќе стане водечки центар за едукација, заштита на природата и хуман третман на животните. Преку едукативни програми, ЗОО Скопје ќе стане училница на отворено, од каде што најмладите ќе заминуваат со знаење, свест и емпатија кон природата - открија од раководството на ЗОО Скопје.
Тимот на ЗОО Скопје е задоволен од интересот и бројот на посетители, што според нив говори за довербата и врската што ја имаат со граѓаните.
- Кога станува збор за односот на посетителите кон животните, искрено би сакале да биде поодговорен. Мило ни е што сѐ повеќе луѓе ја разбираат улогата на зоолошката градина и ги почитуваат правилата, а секако и покажуваат интерес за едукација и благосостојба на животните. Но, за жал, има посетители кои и покрај континуираните едукативни активности и апели што ги спроведуваме, продолжуваат со недоволно одговорно однесување при посета. Наш фокус и понатаму ќе биде јасна комуникација со нив, присутност на едукативен кадар, како и градење култура на почит кон животните и нивниот простор. Наша цел не е само поголем број посетители, туку свесни посетители, луѓе кои ќе ја доживеат зоолошката како простор за учење, одговорност и грижа, а не како место за забава - потенцираат од ЗОО Скопје.
По 100 години постоење Зоолошката градина – Скопје останува живо наследство на идејата на Станко Караман, визија што од 1926 година до денес ја негува истата вредност: знаењето, почитта и грижата за природата се темел на одговорно општество.
- Јубилејот 100 години Зоолошка градина Скопје ќе го одбележуваме во текот на целата 2026 година, со програма, настани и едукативни активности со кои ќе ги поврземе историјата, едукацијата, животните и иднината на нашата установа. Нашата цел не е само еднократна прослава, туку содржински јубилеј кој ќе има трајна вредност. Јубилејот ќе биде и можност да им се заблагодариме на граѓаните, институциите и соработниците кои со децении се дел од приказната на ЗОО Скопје, но и да ја поставиме насоката за следните 100 години, да бидеме уште подобри и поусогласени со европските и меѓународните практики - додаваат од ЗОО Скопје.