Брилијантна психолошка стратегија што ги тера тинејџерите да се кренат против брзата храна

Брилијантна психолошка стратегија што ги тера тинејџерите да се кренат против брзата храна

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Како да ги спречиме младите да не консумираат брза храна, поради која се изложуваат на ризици поврзани со здравјето? Една едноставна, но ефективна психолошка стратегија е клучот, покажува ново истражување.

Сè е поврзано со искористувањето на природната склоност на тинејџерите да се бунтуваат: со потенцирањето на тоа колку добро финансираните маркетинг-кампањи се дизајнирани за да ги направат сите зависници од брза храна, истражувачите успеале да ги натераат тинејџерите да го променат изборот на храна.

Техниката функционира подобро отколку едноставното давање информации за здрава исхрана на тинејџерите, користејќи ја нивната вродена отпорност некој да ги принуди на нешто - отпор што може да направи вистинска разлика во однос на исхраната, се вели во истражувањето.

- Една од највозбудливите работи е што ги натеравме децата да имаат пореална негативна реакција на брзата храна и нејзиниот маркетинг, како и попозитивна реакција на здравата храна - вели научникот Кристофер Џ. Брајан од Школата за бизнис на Универзитетот во Чикаго.

Во истражување во Тексас учествувале вкупно 362 осмоодделенци на возраст од 13 до 15 години. За дел од истражувањето учениците биле поделени во две групи: едната група добила истражувачки извештај за некои од маркетиншките трикови што ги користеле прехранбените компании, а на другата група ѝ бил даден поедноставен извештај за придобивките од здравата исхрана.

На пример, извештајот поврзан со маркетиншките трикови вклучувал фрази како: „Компаниите трошат многу пари за да пронајдат начин брзата храна да предизвикува уште поголема зависност“, додека извештајот за здрава исхрана вклучувал фрази како: „Исто како автомобилот, и на нашето тело му е потребно гориво за да продолжи да работи, а хранливите материи се тоа гориво за нашето тело“.

Користејќи анкети по извештаите и следење на она што учениците го купувале, истражувачите откриле дека  кај групата што добила извештај за маркетиншките трикови учениците повеќе не ја гледале брзата храна во толку позитивно светло и правеле поздрав избор на храна.

Подолготрајниот ефект врз изборот на исхрана во училиштата бил најзабележлив кај момчињата, кои купиле 31 отсто помалку нездрава храна во текот на наредните три месеца.

Контрастот може да биде затоа што тинејџерките се повеќе загрижени за изгледот на телото и бројот на калории што ги внесуваат и поради тоа се еднакво убедени од дватa вида информации, посочуваат истражувачите.

Инспирацијата за експериментот произлегла од антипушачките кампањи од 90-тите години, кои исто така ја истакнуваа сомнителната тактика на големите компании за да ги привлечат луѓето кон нешто што е крајно лошо за нив.

Во друг дел од експериментот младите биле замолени да ги приспособат рекламите за нездрава храна со повистинити фрази: можете да видите некои од резултатите подолу.



Тимот што го прави истражувањето смета дека аголот на социјална правда, заедно со желбата на тинејџерите да не бидат контролирани од која било група на возрасни, без оглед дали се родителите или директорите на маркетиншките компании, е доволен за да предизвика промена во навиките. Уште подобро, експериментот може да се примени на поголеми групи деца и не чини многу, со што го прави потенцијален начин за борбата против зголеменото ниво на дебелина низ светот.

- Маркетингот за храна е намерно дизајниран за создавање позитивни емотивни асоцијации со брзата храна, за поврзување на чувствата на среќа и забава. Ние им ја откривме манипулацијата што компаниите ја користат за да ги привлечат тинејџерите и со тоа ја предизвикавме нивната природна силна аверзија да бидат контролирани од возрасните. Ако можеме да ја подигнеме свеста на многу повеќе деца, ќе направиме вистинска разлика - вели Брајан.