Колумна: Заборавивме на љубов и среќа

Колумна: Заборавивме на љубов и среќа


Тонеме во нашите лични бедотии, зборувајќи секојдневно дека само живееме во нив. Забораваме на љубов и среќа. Секогаш ќе ги споменувам овие две нешта како најважни во животот бидејќи навистина се. Освен да се пожалиме, не знаеме ништо друго. Сѐ нешто не ни одговара и не ни чини. Ништо не е по наша мерка, а ние немаме мерка, туку само уста која не знае да замолчи. Но сепак не! Ние сме оние што најмногу имаат право и оние што најмногу знаат. Живеејќи со ова темпо, жалејќи се за сѐ и сешто, не преземајќи ништо за животот, општеството и за нашата лична култура, забораваме да сакаме. Е тогаш мили мои, кога никого не сакате, не сте никој, ништо и немате вредност. Тогаш живеете само вие во вашиот свет, свет без никого, а животот без никого не е живот.

Пари, пари и пари, па нека се запустат некаде и парите и сѐ што има вредност како нив. Бидејќи цената денес ја почитувате повеќе од срцето и душата. Ќе потонете во сите нешта што сте ги купиле. Ништо не е повредно од некој што застанал до вас, ништо не е повредно од човек кој те научил да живееш и да сакаш, ништо ама баш ништо. Но вас ве интересира сѐ што е скапо и елитно. Не заборавајте дека на секој нов телефон цената му паѓа и секоја „елита“ еден ден е на дно.

Ценете ги луѓето што ве сакаат и ве почитуваат, ценете ги оние што ве ценат и кога не успевате и кога успевате и кога ништо не правите. Оние што ве гледаат кога само сте на врвот, ќе ве остават некој ден на дното. Е тогаш нема излез.
Сакате да смените нешто? Излези другар, смени кај тебе и јас сум сто проценти сигурна дека барем еден ќе го смени тоа нешто кај себе. Знаеш што е најтешко за да направиш промена во општеството? Да го смениш тоа што го сакаш ти кај тебе. Секое сонце изгрева после долго невреме, биди ти тоа сонце кога најмногу снег ќе врне и кога најмногу ќе дува.

Пронајди се себеси и биди совршен во тоа што навистина си. Ако сакаш да добиеш квалитетен леб за јадење, заврши ја квалитетно твојата работа. Почни од себеси, а потоа зборувај за сѐ и сешто. И повторно ќе речам, сакај и не наметнувај зло, колку и некој да заслужува. Предај се само на љубов, поклони ѝ се бидејќи само таа го заслужува тоа!

Автор: Марија Ванѓеловска (15), ученичка од Охрид