Патот на канабисот - од црниот пазар до мултимилијардерска легална глобална индустрија

Патот на канабисот - од црниот пазар до мултимилијардерска легална глобална индустрија

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Со децении 20 април беше неофицијален празник за оние што консумираат марихуана. Меѓутоа, сега тој ден е потсетник на тоа колку брзо марихуаната се трансформира од илегален препарат до легална индустрија тешка милијарди долари.

Компаниите за одгледување и преработка на канабис, со чии акции јавно се тргува, забележале раст на продажбата откако Канада ја легализира марихуаната пред неколку години, а неколку американски држави изгласаа легализација на марихуаната за медицински и за рекреативни цели. Воедно, тоа значеше и дека оваа популарна, но сè уште контроверзна билка станала многу интересна за големите инвеститори.

Така, компанијата „Констелејшн брендс“, во чие портфолио е и пивото „корона“, држи 35 отсто од сопствеништвото во канадската компанија „Канопи гроут“, која, пак, планира да ја зајакне својата позиција и на американскиот пазар на марихуаната. Од „Констелејшн“ неодамна најавија и дека размислуваат за преземање на 50 отсто од „Канопи“.

На тој пат е и групата „Алтрија“, инаку сопственик на „Марлборо“, која инвестира 1,8 милијарда долари во производителот на канабис „Кронос груп“, додека „Тилреј“ соработува со „Будвајзер“ на правењето пијалак со канабис.

Сепак, со оглед на тоа дека акциите на „Кронос“ и „Канопи“ веќе се вивнаа до небо, некои се прашуваат дали станува збор за шпекулативна манија и инвестициски балон.

- Ова се нови компании кои сега почнуваат. Ќе има голема волатилност, така што како инвеститор морате да бидете селективни - вели Дан Аренс, еден од челниците во инвестициската компанија „Адвајзор Шерс“, која неодамна го основа фондот „Пјур канабис ЕТФ“, наменет токму за вложување во акции на производители на канабис.

Од друга страна, стратегот на компанијата „Инвестмент менаџмент“, Роб Алмејда, вели дека инвеститорите што вложуваат во канабисот се брзоплети. Имено, тој е загрижен дека вложувањето во акциите на тие компании би можело да биде само уште еден инвестициски каприц, како оној со 3Д-печатењето и со блокчејнот.

Во секој случај, она што би можело да ги забави инвеститорите е фактот дека цената на марихуаната паѓа, со оглед на тоа дека сè повеќе држави ја легализираат употребата на марихуаната, па конкуренцијата е појака. Многу канадски компании, на пример, бележат снижување на цената откако е легализирана марихуаната.

Сепак, на хоризонтот има сè повеќе големи спојувања, преземања и создавања на моќни конгломерати кои сакаат да заземат голем дел од овој легален колач од марихуана. Според Мет Хокинс од „Креско капитал партнерс“, сè повеќе компании настојуваат да се поврзат и да заземат поголем удел на пазарот за да можат да останат конкурентни.

- За малите стартапи сега ќе стане многу тешко да се пласираат на пазарот и да се натпреваруваат со големите конгломерати - вели тој.

Со други зборови, тоа е уште еден знак дека бизнисот со марихуана почнал да функционира исто како која било друга голема потрошувачка индустрија.