Зошто кога ќе ве касне комарец местото ве чеша со денови?

Зошто кога ќе ве касне комарец местото ве чеша со денови?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Кога ќе нѐ касне комарец, тој не само што цица од нашата крв, туку и ја остава својата плунка. Бидејќи на протеините од плунката сме алергични, местото на убодот останува иритирано. Ново истражување спроведено на глувци укажува дека нашиот имунолошки систем може да реагира на протеините од плунката на комарците дури и една недела по убодот, што објаснува зошто ова место толку многу чеша.

Претходните истражувања покажаа дека човечкиот имунолошки систем реагира на плунката на комарците. Бидејќи истражувањето било направено првенствено кај глувците, не е сосема јасно во колкав обем.

Научниците успеале да создадат реплика на човечкиот имунолошки систем кај глувците. Научниците од Медицинскиот колеџ „Бејлор“ во Тексас на младите глувци им ставиле матични клетки што подоцна се претвориле во различни типови крвни клетки, вклучувајќи и имунолошки клетки. Кога глувците пораснале и имале добро воспоставен човечки имунолошки систем, биле изложени на убоди од комарци, секој околу четири пати.

Со анализа на коскената срж, клетките на кожата и слезинката на глувците, научниците откриле дека добар број од имунолошките клетки останале активни седум дена по убодот од комарец.

- Најинтересен дел од истражувањето е дека ефектите траеле толку долго - вели Ребека Рико-Хосе, една од авторките на истражувањето.

- Нашето истражување покажува колку е важно да се погледне покомплексната слика на имунолошкиот систем. Сега е во тек истражување со комарците заразени со зика или денга треската. Ако успееме да ги блокираме ефектите на протеините што се наоѓаат во плунката на комарците, би можеле да спречиме цел спектар на вируси и паразити што ги носат комарците - објаснува таа.