Научно објаснување зошто богатите луѓе мислат дека се подобри од другите

Научно објаснување зошто богатите луѓе мислат дека се подобри од другите

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Некои луѓе долго време се сомневаа, но сега и науката потврди: богатите луѓе навистина веруваат дека се подобри од другите.

Луѓето родени во повисоки општествени класи се многу самоуверени и веруваат дека ќе бидат подобри во одредени задачи од другите, перцепција што ја немаат луѓето од пониската класа, покажува ново истражување.

Овие наоди помагаат да се расчисти честата заблуда дека секој мисли дека е подобар од просечниот човек.

- Нашите резултати посочуваат дека овој тип на размислување е поприсутен меѓу средните и високите класи - вели Питер Белми, професор на Универзитетот во Вирџинија и главен автор на истражувањето.

Истражувањето било спроведено преку серија експерименти што ја анализирале врската помеѓу општествената класа и високата самоувереност.

Во еден експеримент истражувачите анализирале повеќе од 15.000 сопственици на мали претпријатија во Мексико кои аплицирале за кредит и добиле информации за нивните приходи, образование и перципираната положба во општеството. Од апликантите било побарано да направат психолошки процени кои вклучувале мемориска игра со картички за да се одреди нивната кредитна способност.

Потоа од апликантите било побарано да си дадат оцена во споредба со другите, на скала од 1 до 100. Побогатите апликанти од високите класи биле убедени дека работат подобро од другите.

Истражувачите откриле дека апликантите со повисоко образование, повисоки примања и повисока перципирана општествена класа имале претерано чувство на самоувереност дека ќе имаат подобри перформанси од другите, во споредба со апликантите од пониските класи.

Другите експерименти вклучувале тестови, а подоцна и интервју за работа што се снимало. Повеќе од 900 „судии“ ги гледале видеата и оценувале колку е компетентен секој апликант. „Судиите“ сметале дека самоуверените кандидати од повисоките класи се покомпетентни.

- Поединците од релативно високите класи имаа претерана самоувереност, па така перцепцијата за нив беше дека се покомпетентни и похрабри, иако во просек не беа подобри на тестовите од нивните колеги од пониската класа - вели Белми.

- Во средната класа луѓето се социјализираат за да се разликуваат од другите, да го изразат она што го мислат и чувствуваат и самоуверено да ги изразат нивните идеи и мислења, дури и кога немаат точно знаење за нешто - вели Белми.

Од друга страна, луѓето од работничката класа учат да ја прифатат скромноста и знаат каде им е местото во социјалната хиерархија.

Охрабрувањето на индивидуализмот и довербата може да доведе до поголем успех за оние во повисоката класа.

- Предностите даваат предности. Оние што се родени во повисока класа веројатно и ќе останат во високата класа, а претприемачите со висока заработувачка потекнуваат од високообразовани, добро ситуирани семејства - вели Белми.

- Нашето истражување посочува дека општествената класа ги обликува ставовите што луѓето ги имаат за своите способности - додава тој.

Ова не е прво вакво истражување. Во истражување за емпатијата од 2015 година невронаучникот Михаел Варнум спровел студија за мозокот во која учествувале 58 луѓе, кои прво биле прашани за нивната социјална класа, вклучувајќи и прашања за нивниот семеен приход и образованието на родителите.

Учесниците направиле ЕЕГ-тестови што ја следеле електричната активност во мозокот, додека биле прикажани слики од две неутрални лица и лица што изразуваат болка.

Иронија е што испитаниците од повисокиот социоекономски статус се сметаа себеси за поемпатични, подобри од просекот. Но, во реалноста не е така. Всушност, истражувањето открило дека испитаниците од високата класа имале пониски невронски реакции на болката на другите.