Француското училиште кое ги забрани мобилните телефони

Француското училиште кое ги забрани мобилните телефони

Подготвил: Билјана Арсовска

Во средното училиште во руралната француска област Бретан е време за пауза и група тинејџери си разговараат покрај игралштето. Двајца седат и читаат новели, а други играат фудбал или други игри.

Вревата од разговарањето и возбудата од движењата се спротивни на она што се случува во повеќето други француски средни училишта, каде на игралиштата може да се видат тинејџери кои зјапаат во нивните мобилни телефони. Во „Ла Гутре“ никој не го прави тоа. Тука мобилните телефони се забранети и тие им недостигаат на многу малку ученици.

-Имам телефон, но го оставам дома и не мислам за тоа многу. Не брзам да го проверам по училиште. Кога ќе стасам дома прво јадам нешто, разговарам со мајка ми, пишувам домашна, а потоа може да погледнам во телефонот. Но, само ако чекам некоја важна порака - вели една 14-годишна ученичка.

Две нејзини пријателки, пак, воопшто немаат мобилни телефони.

-Не ни требаат теефони бидејќи секогаш разговараме една со друга во живо, разговараме цело време, веројатно и премногу и сме многу добри пријателки - вели едната.

Средното училиште „Ла Гутре“ го забрани користењето на мобилни телефони пред четири години, долго пред францускиот претседател Емануел Макрон да даде предизборно ветување да го прогласи за незаконско носењето на мобилни телефони во училиштата во обид да ги детоксицира тинејџерите кои сѐ повеќе се зависни од екраните.

Од септември сите претшколски установи, основни и средни училишта ќе ја забранат употребата на мобилни телефони. Се верува дека повеќе од 90 отсто од тинејџерите на возраст од 12 до 17 години во Франција поседуваат мобилен телефон, а на децата веќе им е забрането недозволено користење на телефоните на час. Сепак, беше оставено на директорите да одлучат дали да ја ограничат употребата на мобилни за време на паузите.

Околу 290-те ученици во „Ла Гутре“ потекнуваат од околните села. По воведувањето на забраната, вработените забележале поголема социјална интеракција меѓу децата, поголема емпатија и подготвеност да учат на почетокот од часовите.

Ив Козиел
Фото? Guardian

Директорот на училиштето Ив Козиел вели дека е задоволен што децата се враќаат на обичните нешта како разговарање, играње и активности како танц и плетење.

-Мислам дека децата се подостапни за социјална интеракција кога се обврзани да зборуваат едни со други - вели тој.

Учениците ги исклучуваат телефоните и ги оставаат во ранците и има помалку од десет конфискации годишно.

-Во претходните училишта каде што предавав некогаш телефоните беа во торбичките за прибор и учениците ги проверуваа или пишуваа пораки со телефоните во скут. Тука телефоните не се проблем - вели Лаура Флок, професорка по англиски јазик.

Таа во март водела група 15-годишни ученици во Лондон на екскурзија. На тинејџерите не им било дозволено да ги користат телефоните преку ден или за време на прошетките, освен кога сакале да сликаат, но можеле да ги користат попладне.

-Знаеја дека тоа е фер и го прифатија. Но, гледав други групи деца од Франција на слични патувања во истите музеи како само седат на клупите и зјапаат во нивните телефони во текот на посетите на музеите - вели професорката.

Учениците ја одобруваат забраната. Анатол Деријак, кој го добил првиот мобилен телефон на 15-годишна возраст, вели дека кога е со пријателите, тој сака соодветен разговор.

-Ако сите стоите со телефоните, вие зборувате за тоа што е на екранот, наместо навистина да се слушате - вели тој.

Овој ученик и неговите пријатели ги користат телефоните за да слушаат француски рап на долгите патувања со автобус. Дома, играњето на „Плеј Стејшн“ е подеднакво примамливо, но сите нивни родители им го ограничуваат времето кое децата ќе го поминат пред екран.

Фото: Guardian

Во меѓувреме, директорот на средното училиште „Литре“ во Бурж, каде учат 600 ученици, исто така воведе забрана за користењето мобилни за време на паузите. Иако имало стравувања, сѐ поминало во најдобар ред.

-Мислевме дека ќе има повеќе насилство на игралиштата и повеќе насилства, но тоа не се случи. Учениците зборуваат повеќе, игралиштето е поживо. Мислевме дека ќе мораме да конфискуваме десетици телефони дневно, а имаше само неколку конфискувања вели директорот Жан-Клод Шевалие.

Тој додава дека сега учениците се помалку зависни од телефоните.