Најдолг праволиниски патен и поморски правец на Земјата

Најдолг праволиниски патен и поморски правец на Земјата

Двајца индиски информатичари, Роан Чабукшвар и Кушал Муџреј, создале алгоритам преку кој компјутерски се генерираат најдолгите прави линии кои одат само по вода или само по копно. Алгоритамот е таков што во случај линијата да оди по вода, таа не смее да пресекува позначајна копнена маса или ледена површина. Обратно е доколку оди само по копно – не смее да дојде во допир со поголем воден басен. Алгоритамот го примениле на глобалната детална мапа на копнени и водени површини изготвена од NOAA (National Oceanic and Atmospheric Administration), со резолуција од 1,8 километар. Со оглед на огромниот број можни комбинации кои требало да се генерираат и споредат, за постапката им бил потребен одличен компјутер и повеќе денови непрекинати автоматизирани софтверски пресметки.

Фото: igeografija.mk

Користејќи го наведениот пристап, истражувачите генерирале најдолго праволиниско растојание по океански пат, кое се протега од Пакистан и се движи кон запад покрај брегот на Југоисточна Африка, крајните делови на Јужна Америка, па до полуостровот Камчатка во Русија. Така земено, оваа растојание изнесува извонредни 32.089,7 километри. Секако, поради закривеноста на Земјата и употребената проекција, на карта линијата не изгледа права, но таква е доколку се повлече на глобус.

Фото: igeografija.mk

На ист начин, истражувачите го пресметале и најдолгото копнено праволиниско растојание (без премин преку поголемо водно тело). Рутата почнува близу Џинџианг во Кина и минува низ Монголија, Казахстан, Русија, Полска, Чешка, Германија, Австрија, Лихтенштајн, Швајцарија, Франција, Шпанија и завршува во градот Сагрес во Португалија. Всушност, минува низ вкупно 15 земји и иако не е долг како океанскиот пат, сепак изнесува неверојатни 11.241 километар.


Фото: igeografija.mk

Двајцата истражувачи оваа права линија ја нарекле „минлива“ во смисла дека може генерално да се следи со возило. Сепак, вистината не е баш таква, со оглед на тоа што по рутата има премногу препреки како што се високи планини, густи шуми, многубројни реки и сл. Во таа смисла, правецот би можел да се следи по најблиските постојни патишта, со теренско возило и со странично поместување и до 500 километри (посебно над Алпите, Пиринеите, Урал, монголските планини и др. Истото се однесува и за океанската рута која ако се следи стриктно, може да ви ја загрози безбедноста. Според тоа, пристапот има повеќе географско, отколку практично значење.