Светските слависти застанаа во одбрана на македонскиот јазик и дијалектите наспроти ставовите на БАН

Светските слависти застанаа во одбрана на македонскиот јазик и дијалектите наспроти ставовите на БАН

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

„Колективот на ОЛА ќе продолжи да работи врз основа на принципите на толеранција, учество и заемно почитување“, пишува во одговорот до БАН

Никакви политички разлики не можат и не смеат да влијаат врз активностите на меѓународниот колектив кој плодотворно работи врз Општословенскиот лингвистички атлас повеќе од 60 години, пишува во писмото на Меѓународната комисија на Општословенскиот лингвистички атлас (ОЛА), кое е испратено до Бугарската академија на науките и до националните комитети на ОЛА во 12 земји.



Писмото го потпиша проф. д-р Татјана И. Вендина, претседател на Меѓународната комисија на Општословенскиот лингвистички атлас при Меѓународниот комитет на славистите.

- Драги колеги, го добивме вашето писмо и го зедовме предвид вашиот став.
Свесни за одговорноста и преземените обврски пред лицето на светската славистика во создавањето на Општословенскиот лингвистички атлас, комисијата на ОЛА, формирана од Меѓународниот комитет на славистите, смета дека во нејзината работа ништо нема да се промени и работата ќе продолжи во согласност со оние научни принципи што беа поставени од основачите на овој проект: Р. И. Аванесов (Москва), А. Белич (Белград), С. Б. Бернштејн (Москва), Б. Гавранек (Прага), В. Дорошевски (Варшава), С. Стојков (Софија), З. Штибер (Варшава). Комисијата смета дека никакви политички разлики не можат и не смеат да влијаат врз активностите на меѓународниот колектив кој плодотворно работи врз Општословенскиот лингвистички атлас повеќе од 60 години. Не се сомневаме дека свеста за одговорност кон науката, која е својствена за сите учесници во овој важен меѓународен проект, ќе продолжи и во иднина да гарантира плодна и координирана работа на Општословенскиот лингвистички атлас, а колективот на ОЛА ќе продолжи да работи врз основа на принципите на толеранција, учество и заемно почитување - пишува во писмото.

Во научните принципи на основачите на ОЛА, воспоставени во 1958 година, на кои се повикува проф. Вендина, македонскиот јазик е вклучен рамноправно со другите словенски јазици.

Јазиците, според научните принципи на основачите на ОЛА

Бугарската академија на науките (БАН) испрати протестно писмо до Меѓународната комисија на Општословенскиот лингвистички атлас (ОЛА) поради ставовите за вековниот континуитет на македонскиот јазик на академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, и македонистот и лингвист проф. д-р Марјан Марковиќ, дописен член на Академијата, објавени во повеќе интервјуа и колумни на Факултети.мк.

Во писмото БАН објаснува дека бугарските академски и универзитетски научници ја издале книгата „За официјалниот јазик на Република Северна Македонија“ како научен одговор на „Повелбата за македонскиот јазик на Собранието на МАНУ“.

„Тоа со ништо не беше испровоцирано од бугарска страна. Во македонските медиуми имаше низа публикации на академик Љупчо Коцарев, кој на широко ја претставува историјата на бугарското учество во ОЛА и односот на меѓународниот лингвистички свет кон бугарската лингвистичка наука“, се вели во писмото.


Академик Љупчо Коцарев (лево) и проф. д-р Марјан Марковиќ

Преку дописот БАН побара поддршка за своите ставови со образложение дека во зборовите на Коцарев и на Марковиќ има „невистини, тврдења и оцени кои ги засегаат престижот, достоинството и научната објективност како на бугарската национална комисија така и на Меѓународната комисија на ОЛА“. Писмото е испратено до претседателката на Меѓународната комисија на ОЛА и националните комитети на нашата земја, Белорусија, Босна и Херцеговина, Германија, Полска, Србија, Словачка, Словенија, Украина, Хрватска и Чешка. Документот е потпишан од претседателот на БАН, академик Јулијан Ревалски, заменик-претседателот Васил Николов, дописен член на БАН, и од претседателката на бугарскиот Национален комитет на ОЛА, Славка Керемидчиева.