Автомобили од биопластика

Автомобили од биопластика

Подготвил: Билјана Арсовска

Истражувачите од „Селена груп“ од Полска веруваат дека автоиндустријата би можела да ја намали емисијата на јаглерод диоксид во атмосферата кога наместо пластика би се користеле природни материјали, односно биопластика.

Според бројни научни студии, индустријата за автомобили е голем виновник за зголемување на емисиите на штетниот гас. Многу научници велат и дека во процесот на производство на нов автомобил се испушта повеќе јаглерод диоксид во атмосферата отколку при возењето во текот на целиот животен век на возилото.

Истражувачите од „Селена груп“ затоа го започнале проектот „Биомотив“, за кој од ЕУ повлекле 15 милиони евра. Основната идеја е со користење на растителни извори, поточно оние растенија кои не се користат во исхраната, за да се направат компоненти за автомобилите за кои обично се користи пластика.

Затоа во „Селена“ развиле технологија која користи хемиски соединенија во растенија за синтетизирање на полимери во лабораторија и сакаат да ја пренесат на индустриско ниво, поточно во производството на автомобилите.

Нивната биопластика може да се загрева, да се става во калапи да подлежи на 3Д-печатење, како и која било конвенционална пластика.

До крајот на годинава, „Селена“ ќе направи мала демонстративна фабрика, каде ќе се произведуваат разни компоненти за автомобили, а една од целите е тие процеси да бидат економски исплатливи бидејќи досега беа прескапи за индустриска примена.