Зошто комарците ни зујат околу ушите?

Зошто комарците ни зујат околу ушите?

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Летото е период кога сакаме да поминуваме што повеќе време надвор, во дворовите, особено по мрачните зимски месеци. Но, тоа со себе го носи и неподносливото зуење на комарците околу нашите уши.

Но, зошто всушност овие крвопијци летаат околу нашите уши? И зошто зујат?

- Зуењето во ушите претежно е придружен ефект на замавнувањето на крилјата на комарецот. Звукот нема долг дострел, па најмногу го забележувате кога тие летаат околу вашите уши - објаснува Мајкл Риле, професор по ентомологија на Универзитетот во Аризона.

Тоа зуење што го слушате веројатно е од женски комарец бидејќи машките комарци живеат многу поразлично од женските. Мажјаците обично се сконцентрирани на нектарот од цвеќињата и не им е гајле за луѓето. Но, женките треба да се нахранат со крв по парењето за да имаат доволно енергија за да создадат јајца. Всушност, женските комарци се опремени со уникатни алатки за да се залепат за следната жртва.

- Женските комарци го следат јаглеродниот диоксид што го испуштаме. Јаглеродниот диоксид ја стимулира женката комарец да почне да бара домаќин и лета напред-назад за да го следи градиентот на концентрацијата назад до изворот - вели Риле.

Со други зборови, комарците зујат околу нашите глави затоа што таму испуштаме најмногу јаглероден диоксид.



Како што се приближува, женката комарец се концентрира на топлината на телото и испуштениот јаглероден диоксид за да слета на жртвата. Комарецот користи сензори за вкус на стапалата за да утврди дали човекот или животното е соодветно за нејзиниот следен оброк. Додека некои студии посочуваат дека крвната група 0 е најпосакуваната меѓу комарците, Риле е скептичен - тој не нашол веродостојно истражување за крвната група и интересите на комарците. Но, тој верува дека други фактори, како генетиката, па и исхраната на човекот играат поголема улога во тоа колку е „вкусно“ некое лице.

- Вашата кожа испушта уникатен коктел од мириси кој ќе биде попривлечен за некои комарци, а за некои не - вели тој.

Друга студија посочува дека женките комарци се повеќе привлечени од мажи кои имаат помалку разновидни бактерии на нивната кожа за разлика од мажите со поразновидни бактерии. Овие крвопијци се и попристрасни кон луѓе кои носат темна облека.

Додека комарецот се приближува кон целта, со крилјата замавнува околу 500 пати во секунда на фреквенција од 450 до 500 херци. Додека овој звук нам ни звучи како дрон, тоа е музика за машките комарци. Всушност, мажјаците, чии крилја замавнуваат на повисока фреквенција од онаа на женките, ги слушаат милозвучните тонови на женките кога бараат партнерка.

Иако комарците го сакаат тој тон, луѓето не се многу воодушевени од него. Но, иако често ги слушаме како зујат околу нашите глави, Риле забележува дека повеќето комарци не ги сакаат нашите глави, туку се привлечени од нашите стапала, каде што има бактерии со ароми кои привлекуваат комарци. Луѓето не можат да ги забележат комарците што зујат околу зглобовите на нозете.

За да ги избегнете комарците, најдобро е да носите светла и долга облека, да користите средства против комарци и да не се движите на места каде што најмногу ги има на изгрејсонце и зајдисонце, кога комарците се најактивни.

Извор: Live Science
Фотографии: Freepik