Британците ќе бидат наградувани за 30 минути пешачење дневно
Британската Национална здравствена служба на почетокот на следната година ќе ја стартува програмата „Маратон месечно“, со која ќе ги поттикнува граѓаните да пешачат околу 30 минути секој ден.
Учесниците што секојдневно ќе ја исполнуваат целта, месечно ќе поминуваат околу 42 километри, колку што изнесува должината на еден маратон. Пешачењето ќе го евидентираат преку мобилен телефон или паметен часовник, а оние што успешно ќе го завршат предизвикот ќе добијат награди во вид на поволности и попусти.
Програмата се развива во соработка со поранешниот олимпиец сер Брендан Фостер, основач на трката „Грејт норт ран“.
- Познат сум по трчањето, но целта на овој проект е многу поедноставна. Сакаме луѓето да пешачат - изјави Фостер.
Целта на Националната здравствена служба е во програмата да вклучи повеќе од 100.000 учесници. Фостер верува дека системот за следење на последователно исполнетите дневни цели, сличен на оној во апликациите како „Снепчет“ и „Дуолинго“, ќе ги мотивира луѓето да бидат упорни.
Почетните трошоци ќе ги финансира самата здравствена служба, а подоцна е планирано вклучување на големи компании и филантропски организации.
Според податоците на здравствената служба, физичката неактивност се поврзува со секој шести смртен случај, додека речиси четвртина од возрасните во Англија не го достигнуваат препорачаното ниво на физичка активност.
Фостер наведува дека лицата што пешачат најмалку 30 минути пет дена во неделата би можеле да добијат и до четири дополнителни години здрав живот.
Сепак, експертите предупредуваат дека ваквите иницијативи мора да бидат придружени и со пошироки мерки за превенција со цел да имаат долгорочно влијание врз јавното здравје.
Извор:
021.rs
Фото: Magnific