Кои се ризик-факторите за карцином на желудник?

Кои се ризик-факторите за карцином на желудник?

Зошто кај некои луѓе ризикот за развој на карцином на желудник е поголем отколку кај други?

Развојот на карциномот на желудник претставува резултат на сложена интеракција помеѓу генетските фактори, влијанијата од животната средина, хроничното воспаление на желудочната слузница и животните навики. Иако болеста може да се појави и кај лица без препознатливи ризик-фактори, бројни научни истражувања покажуваат дека присуството на одредени состојби или навики значително ја зголемува веројатноста за нејзин развој.

Ризик-факторите најчесто се поделени на модифицирачки, односно оние врз кои може да се влијае со промена на животните навики, навремено лекување или соодветно медицинско следење, и немодифицирачки, кои не можат да се променат, но овозможуваат препознавање на лицата кај кои е потребно поголемо внимание и редовни контроли. Во зависност од нивното потекло, тие можат да се групираат и како инфективни, животни, генетски и медицински фактори, кои најчесто дејствуваат истовремено и меѓусебно се надополнуваат.


Слика. Приказ на најчестите ризик-фактори што можат да придонесат за развој на карцином на желудник

Helicobacter pylori – најзначајниот модифицирачки ризик-фактор

Најзначајниот модифицирачки ризик-фактор за развој на карцином на желудник е инфекцијата со Helicobacter pylori. Оваа бактерија предизвикува хронично воспаление на желудочната слузница и претставува најважниот фактор во развојот на интестиналниот тип аденокарцином. Поради убедливите научни докази, Светската здравствена организација ја класифицира Helicobacter pylori како канцероген од прва група.

Сепак, важно е да се нагласи дека најголемиот дел од инфицираните лица никогаш нема да развијат карцином на желудник. Ризикот зависи не само од присуството на бактеријата, туку и од вирулентноста на поединечните бактериски соеви, генетската предиспозиција на домаќинот, степенот на воспаление и влијанието на факторите од животната средина. Токму затоа инфекцијата треба да се разгледува како дел од комплексен процес, а не како единствена причина за појава на болеста.

Пушење

Пушењето претставува уште еден добро докажан модифицирачки ризик-фактор. Штетните материи од тутунскиот чад го оштетуваат желудочниот епител, го поттикнуваат хроничното воспаление и придонесуваат за развој и прогресија на преканцерозните промени. Ризикот е поголем кај долгогодишните пушачи, а постепено се намалува по прекинот на пушењето.

Исхрана и начин на живот

Начинот на исхрана има значајно влијание врз ризикот за развој на карцином на желудник. Честата консумација на солена, чадена, конзервирана и силно преработена храна, како и преработено месо, е поврзана со зголемен ризик. Од друга страна, разновидна исхрана богата со свежо овошје, зеленчук и природни антиоксиданси има заштитен ефект и придонесува за зачувување на интегритетот на желудочната слузница.

Дебелината, особено абдоминалната, исто така претставува ризик-фактор, при што најсилна поврзаност е забележана со карциномите локализирани во кардијата и гастроезофагеалниот спој. Прекумерната употреба на алкохол може дополнително да ја иритира желудочната слузница и, особено во комбинација со пушење и нездрави животни навики, да придонесе за зголемување на ризикот.

Генетска предиспозиција

Кај дел од пациентите значајна улога има генетската предиспозиција. Лицата кај кои постои фамилијарна појава на карцином на желудник, особено кај блиски роднини, имаат повисок ризик во споредба со општата популација. Постојат и ретки наследни синдроми, како наследниот дифузен карцином на желудник поврзан со мутации во генот CDH1, како и одредени други наследни синдроми, кај кои ризикот е значително зголемен и бара индивидуализиран пристап во следењето и советувањето на пациентите.

Возраст и пол

Ризикот за појава на карцином на желудник се зголемува со возраста, а најголем број случаи се дијагностицираат кај лица постари од 60 години. Болеста е почеста кај мажите отколку кај жените, што најверојатно е резултат на комбинација од биолошки, хормонални и животни фактори.

Преканцерозни состојби

Особено внимание заслужуваат преканцерозните состојби, како што се хроничниот атрофичен гастритис, интестиналната метаплазија и дисплазијата. Кај одредени пациенти ризикот е зголемен и при автоимун атрофичен гастритис, пернициозна анемија, аденоматозни гастрични полипи и по претходна парцијална гастректомија, особено по подолг временски период од операцијата.

Овие состојби претставуваат дел од постепениот процес на малигна трансформација, опишан со Correa каскадата, и нивното навремено препознавање овозможува редовно ендоскопско следење и откривање на болеста во рана фаза.

Автор: д-р Владимир Михајлоски, специјалист по абдоминална хирургија