Научници приготвија јадења по рецепти од глинени плочки од пред 3.750 години - тогашната кујна била многу посложена
На Универзитетот „Јејл“ се чуваат глинени плочки од Месопотамија на кои се запишани рецепти стари околу 3.750 години. Научниците се обидоа да ги приготват и сфатија дека тогашната кујна била многу посложена.
Баш како и денешните готвачи, и старите Вавилонци подготвувале варива полни со месо, ароматични билки и зеленчук, а нивните рецепти биле врежани на глинени плочки со помош на писалки од трска. До денес се зачувани само четири вавилонски кулинарски плочки со најстарите познати рецепти во светот и веројатно засекогаш би останале музејски експонати во Вавилонската збирка на Универзитетот „Јејл“ доколку пред извесно време во Њујорк не беше организиран интересен кулинарски настан „Апетит за минатото“, на кој тимови подготвуваа јадења од различни делови од светот и историски епохи.
Меѓу нив беше и тимот од „Јејл“ и „Харвард“ кој приготвуваше три јадења од една од плочките, настојувајќи да ги направи што поблиску до она како се готвеле пред речиси 4.000 години. Како што пишува „Јејл њуз“, на менито имало две јагнешки варива – едно со цвекло, друго со млеко и погачи од житарици – како и вегетаријанско вариво збогатено со леб од пиво.
Разновидните состојки, сложениот начин на подготовка и бројот на луѓе потребни за готвење укажуваат на тоа дека овие јадења биле наменети за кралскиот двор или за храмовите, односно претставувале врвна кујна на древна Месопотамија, објаснува Агнете Ласен, помошничка-кустос на Вавилонската збирка на Универзитетот „Јејл“.
Бидејќи многу мал број готвачи знаеле да читаат клинесто писмо, рецептите најверојатно биле запишувани за да се зачуваат тогашните кулинарски техники. Сепак, реконструкцијата не била нималку едноставна.
- Некои состојки што тогаш се користеле повеќе не постојат или не се достапни, а две плочки се многу лошо сочувани и имаат големи оштетувања . Освен тоа, одделни акадски зборови се појавуваат исклучително ретко во други текстови, па многу е тешко сигурно да се преведат - објаснува Ласен.
Научниците сфатиле и колку е важно да се разбере каков вкус и текстура треба да има јадењето бидејќи Вавилонците не наведувале точни количини на состојките, ниту време на готвење, а и редоследот често бил непрецизен, па морале да се потпираат на „чувство“.
- Во почетокот не бев сигурна дека правилно подготвуваме едно од варивата. Си мислев дека тоа не е начинот на кој јас би го зготвила. Меѓутоа, по долго готвење јадењето целосно се промени и стана навистина вкусно - призна Ласен.
Се користеле јагнешко, овчо месо, гулаби, кромид, праз, лук и разни видови сирење, а еден рецепт опишува и јадење во кое се користи крв. Сепак, најголемо изненадување била нивната сложеност – некои рецепти имаат повеќе фази на подготовка и повеќе слоеви на вкус, што дотогаш не ѝ се припишувало на кујната од тоа време.
Фото: принтскрин/јутјуб