Научниците пресметаа кога ќе изумрат последните растенија на Земјата

Научниците пресметаа кога ќе изумрат последните растенија на Земјата

Ако собните растенија постојано венеат иако се грижите за нив, утеха е тоа што растителниот свет како целина веројатно ќе преживее уште многу долго. Всушност, тие би можеле да постојат сè додека Сонцето не ги зоврие и испари океаните од површината на Земјата.

Ова го покажува новиот труд на двајца планетарни научници, кои користеле серија модели за да го проценат максималниот животен век на растителната биосфера на Земјата. Нивните симулирани сценарија, детално опишани во списанието „Џурнал оф геофизикал рисерч: атмосфирс“, посочуваат дека последното растение на Земјата би можело да овене дури за 1,87 милијарди години. Дотогаш, Сонцето ќе свети за околу 20 отсто посветло, што веројатно ќе го спржи или ќе го задуши растителниот свет.

За да дознаат кога растенијата ќе ја достигнат својата граница, астробиологот Џејкоб Хак-Мисра и планетарниот климатолог Ерик Волф од „Блу Марбл спејс“, непрофитен истражувачки институт со седиште во Сиетл, направиле серија симулации. Тие користеле 3Д-модел за да пресметаат што ќе се случи со климата на Земјата во следните 2 милијарди години, земајќи го предвид предвиденото зголемување на активноста на Сонцето, како и промените во концентрацијата на јаглерод диоксид (CO2) во атмосферата.

Истражувачите симулирале две верзии на природниот циклус на јаглерод на планетата. Во првиот модел, површинската температура на Земјата останува релативно стабилна, но количината на CO2 во атмосферата постојано опаѓа. Во ова сценарио растенијата би останале без јаглерод, што би ја уништило растителната биосфера за околу 1,84 милијарди години. Во вториот модел, нивото на CO2 останува стабилно, но температурата продолжува да расте. На крајот, средната температура на Земјата би достигнала околу 65 Целзиусови степени, точка на која ниедно копнено растение не би можело да преживее, што го поставува максималниот животен век на растенијата на околу 1,87 милијарди години во иднината.

Сепак, постои една многу интересна условеност во целото истражување: овие симулации беа спроведени без да се земе предвид каква било еволуција во растителниот свет или потенцијалниот технолошки напредок на луѓето. Научниците сугерираат дека растенијата би можеле да еволуираат за да ја регулираат сопствената температура или да се приспособат на повисоки предели во атмосферата. Од друга страна, човечките геоинженерски интервенции, како што се рефлектирачки аеросоли или штитови од сонце во орбитата, би можеле да ја оладат Земјата.

- Животот на Земјата е отпорен, а границите поставени од топлинскиот стрес или недостигот на CO2 можеби го одразуваат само нашето набљудување на биосферата денес, а не цврстите граници за тоа како биосферата може да еволуира - заклучуваат истражувачите.

Основниот заклучок за иднината на нашата планета е дека животот ќе згасне дури тогаш кога ќе згасне и самата Земја.

Извор: Science Alert
Фото: NASA/Goddard Space Flight Center, The SeaWiFS Project and GeoEye, SVS