Црна дупка проголта неутронска ѕвезда и предизвика бранови во вселената

Црна дупка проголта неутронска ѕвезда и предизвика бранови во вселената

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Астрономите беа сведоци на настан што досега не бил набљудуван. Уреди на Земјата пресретнале огромни гравитациони бранови во вселената, што укажуваат дека црна дупка на милиони километри од нашата планета проголтала неутронска ѕвезда.

Ако овие научни набљудувања се потврдат, вселенскиот удар би бил првиот пример на судир меѓу црна дупка и неутронска ѕвезда, нудејќи нови увиди во проширувањето на универзумот.

Неутронската ѕвезда и црната дупка се остатоци од големи ѕвезди што постепено се консумираат себеси. Кон крајот на својот живот, ѕвездите стануваат исклучително тешки и густи и се претвораат или во неутронски ѕвезди или во црни дупки.

Гравитационите бранови се регистрирани од детектори во Италија и во Соединетите Држави. Според пресметките, настанот се случил на 8550 милиони билиони километри од Земјата. Астрономите сè уште ги анализираат добиените податоци, но се категорични дека вакви катаклизмични бранови можат да бидат предизвикани единствено кога црна дупка проголтува неутронска ѕвезда.

Откако инструментите ги регистрирале гравитационите сигнали, астрономите моментално ја насочиле целата апаратура кон местото од каде што тие дошле. Но, сè уште немаат визуелна потврда за теоријата.

Пресретнатите бранови можат да докажат и друга теорија. Со години астрономите сметаат дека во вселената со сигурност постојат бинарни системи (од две ѕвезди или две црни дупки, на пример), во кои учествуваат неутронска ѕвезда и црна дупка.

Животот на бинарните системи завршува со удар меѓу двете космички тела. Со добиените податоци е возможно таа теорија да се покаже како вистинита.

Фото: Screenshot/CNN