Инсектот кој ја внесува микропластиката во синџирот на исхрана на копнените животни

Инсектот кој ја внесува микропластиката во синџирот на исхрана на копнените животни

Подготвил: Билјана Арсовска

Знаеме дека загадувањето со пластика е голем проблем за океаните во светот, но научниците открија и нов начин на кој ослободената микропластика стасува од водата до другите синџири на исхрана, а тој начин е преку комарците.

Процесот се одвива на овој начин: ларвите од комарци ги внесуваат микропластиките додека сѐ уште се ларви кои живеат во вода и тие пластични честички остануваат додека тие се трасформираат во летечки комарци. Тие возрасни инсекти се вкусна закуска за птиците и лилјаците, што значи дека сега микропластиката може да заврши и во стомаците на копнените животни.

Штом еднаш комарците кои носат микропластика се изедени од птиците, тогаш загадувањето може да стаса подалеку во други синџири на исхрана и екосистеми, истакнуваат истражувачите од Универзитетот од Рединг во Велика Британија.

-Тоа што пластиката го загадува речиси секој агол од животната средина и нејзините екосистеми е шокантна реалност - вели Аманда Калаган, една од истражувачките.

Таа и нејзините колеги во лабораториски услови хранеле ларви од комарци со флуоросцентни пластични микроделчиња и го следеле развојот под микроскоп. Пластиката останала во инсектот.

Флуоросцентна пластика во абдомен на комарец
Фото: Science Alert

На микропластиката може да ѝ бидат потребни стотици години да се разложи во средината, а испитувањето покажало дека колку е помала пластиката, толку е поголема веројатноста да остане во телата на комарците.

Веќе знаеме дека пластиката која ги загадува нашите океани може да има штетен ефект на дивиот свет и да стаса до синџирот за исхрана. Сега знаеме дека овие штетни микроскопски делчиња остануваат додека комарците ја менуваат формата и излегуваат од водата.

Со оглед на тоа дека и други инсекти го започнуваат животот во мочуришта и бари пред да излезат во надворешниот свет, каде често се изедени од поголеми суштества, проблемот може да е многу поголем отколку што се посочува во оваа студија.

-Многу внимание во последно време се посвети на пластиката која ги загадува нашите океани, но ова истражување открива дека пластика има и во воздухот - предупредува Калаган.