Добро пишување, а слаби идеи - научниците што користат ВИ објавуваат повеќе трудови од кога било

Добро пишување, а слаби идеи - научниците што користат ВИ објавуваат повеќе трудови од кога било

Подготвил: Билјана Спиркоска

Лектор: Ивана Кузманоска

Науката е зафатена од огромен бран на издаваштво, во голем дел поради вештачката интелигенција. Ново истражување објавено во списанието „Сајенс“ открива дека научниците што користат големи јазични модели (ЛЛМ) како „Чет-ГПТ“ создаваат значително повеќе трудови на многу полиња. Технологијата помага и во совладувањето на јазичните бариери за научниците чиј мајчин јазик не е англискиот.

Растечката употреба на вештачката интелигенција во научните истражувања предизвика грижа за фушерска работа и нешта измислени од машините. Но, новата анализа открива и дека трудовите создадени со ЛЛМ користат посложен јазик и цитираат поширок спектар на извори.

За да го квантифицираат влијанието на ВИ врз научните објави, научниците од Универзитетот „Корнел“ и Универзитетот на Калифорнија, Беркли, анализирале речиси 2,1 милиони апстракти на студии објавени во три големи сервери за претпринтови во периодот меѓу јануари 2018 и јуни 2024 година. Тие трудови биле објавени пред да одат на ревизија.

Интересно е што за анализата тимот користел „Чет-ГПТ турбо-0125“ за да генерира ВИ-верзии на апстракти објавени пред 2023 година. Потоа тие барале шеми кај пишувањето на вештачката интелигенција по кои тоа би се разликувало од текст напишан од човек. Со ова знаење создале алгоритам за скенирање на понови трудови и барање слични шеми за означување на трудовите потпомогнати од ВИ. Тие ги следеле и авторите со текот на времето за да можат да измерат колку се сменил волуменот на нивното издаваштво.

Откриле дека кога научниците користат ВИ, нивната продуктивност расте. Најголемиот скок е во социјалните и хуманистички науки, каде што продукцијата се зголемила за 59,8 %, додека кај биологијата и науката за животот е забележан скок од 52,9 %, Во меѓувреме, во полето на физиката и математиката научниците забележале раст од 36,2 %.

Едно од најфасцинантните откритија бил големиот раст на продуктивност од земји во кои не се зборува англиски јазик. Повеќето врвни списанија бараат ракописите да се напишани на англиски јазик на високо ниво, што долго време ги кочеше овие научници. Но, со оглед на тоа што ВИ се справува со дел од работата, истражувачите од Азија во некои случаи ја зголемиле продуктивноста и за 89 %.

Сепак, авторите на студијата предупредуваат за квалитетот. Додека машините може да направат трудовите да звучат попрофесионално, ова може да е замка. Историски гледано, софистицираното пишување беше знак на висококвалитетно истражување, но сега спротивното може некогаш да е вистина. Со студијата било утврдено дека колку е покомплексно пишувањето на ВИ, толку помалку веројатно е трудот да има висок квалитет. Со други зборови, доброто пишување може да ги маскира слабите идеи.

Јасната порака од авторите на студијата е дека веќе не можеме да судиме некоја студија според тоа на колку високо јазично ниво е напишана. За да се зачува научниот интегритет, истражувачите предлагаат неколку мерки, меѓу кои и имплементирање подлабоки проверки, па дури и специјализирани рецензенти за ревизија на ВИ од страна на институциите за да се помогне во разликувањето на пишувањето на машините од она на луѓето.

Извор: Phys
Фото: Freepik